Од партијата оценија оти Мицкоски е одлепен од реалноста зашто учебната година е започната, а родителите веќе го набавиле потребниот прибор за своите деца
Потсмевање со маката на родителите, според опозицискиот СДСМ, е најавата на премиерот Христијан Мицкоски за ограничување на цените на училишниот прибор. Од партијата оценија оти Мицкоски е одлепен од реалноста зашто учебната година е започната, а родителите веќе го набавиле потребниот прибор за своите деца.
„Не е за верување обидот на Мицкоски да ги изманипулира родителите дека ете Владата нешто ќе помогне за учениците. Платите не ги покачува, цените на прехранбените производи не ги замрзнува, но ќе ги замрзне цените на уилишниот прибор кој е веќе набавен од мнозинството ученици и родители“,
велат од опозицискиот СДСМ.
Од партијата обвинија оти Мицкоски го уништува стандардот на граѓаните за да им удоволи на компаниите.
„Не е ни чудо што наши сограѓани веќе патуваат за Србија за да набават основни производи за прехрана. ВМРО-ДПМНЕ секој ден докажува дека економската состојба и стандардот на граѓаните само ќе се влошуваат“,
додаваат од СДСМ.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе следува ограничување на цените на училишните производи со цел олеснување на трошоците за родителите на стартот на новата учебна година.