Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец, се вели во реакцијата од СДСМ
Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а денеска дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка, реагираат вечерва од владејачката партија по инцидентот за време на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието попладнево.
„Тоа е така затоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем. Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети. Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат. Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата“,
се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ претходно ги обвини СДСМ И ДУИ дека денеска во Собранието демонстрирале сила и предизвикале инцидент за, како што велат, да се дефокусира јавноста од она што тајно денес го реализираат.
Конфликтот на денешната седница, како што може да се види од видеата што се појавија, ескалира откако претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, се обиде да ја затвори расправата за дневниот ред на денешната седница на чиј дневен ред се ставени на законот со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат треба да им се продолжи работниот век до изборот на нови на чие донесување се противат ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците.