СДСМ оценува дека ова е историско поглавје за нашата држава бидејќи по 17 години во чекалната, конечно ги започнуваме преговорите со ЕУ. Партијата оценува дека успеале да покажат оти е возможно да се најде решение за сите отворени прашања, а македонскиот идентитет и јазик да бидат заштитени и признаени од цел свет
Македонската иднина е обезбедена и таа е европска, порачаа денеска од СДСМ откако вчера Собранието изгласа заклучоци за францускиот предлог, владата го прифати предлогот, а денеска министерот Бујар Османи го потпиша билатералниот протокол со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска.
Веќе во вторник, порачаа денеска од СДСМ, го започнуваме дијалогот со ЕУ преку првата меѓувладина конференција.
„Собранието донесе државничка одлука со која реализираме уште една стратешка цел – преговори за членство во ЕУ како Македонци со чиста формулација на македонскиот јазик и со билатерални прашања надвор од процесот на преговори. Веќе во вторник, односно за два дена отсега, започнува дијалогот со ЕУ преку првата меѓувладина конференција која ќе се одржи во Брисел. Ова е историско поглавје за нашата држава, по 17 години во чекалната, конечно ги започнуваме преговорите со Европската унија. Ова е успех на граѓаните, успех на државата“,
рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според партијата, сега се отвораат нови перспективи за државата и нови можности за просперитет на граѓаните, и ветуваат дека ќе се продолжи со засилено темпо во приклучувањето на ЕУ.
„Како одговорна, државотворна партија СДСМ покажа дека е возможно да се најде решение за сите отворени прашања, дека може да се продолжи интеграцијата во ЕУ а при тоа македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебност да бидат заштитени и признаени од целиот свет“,
рече Кузеска.
