Нов дебакл на очајната ВМРО-ДПМНЕ предводена од губитникот Христијан Мицкоски.
Вака реагираа денеска од владејачката СДСМ на протестниот марш и сообраќајната блокада што ги организираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје поради покачувањето на цената на струјата.
„Откако видоа дека граѓаните не им даваат поддршка на нивните лицемерни протести, денеска срамот од слабата поддршка се обидоа да го сокријат со наводен протест, и тоа со нивните луксузни автомобили. Скапите автомобили кои денеска граѓаните ги видоа се уште една потврда за вистинското, лицемерно лице на ВМРО-ДПМНЕ и поразениот Мицкоски“,
се вели во писмената реакција од СДСМ.
Од СДСМ сметаат дека протестот на ВМРО-ДПМНЕ е лицемерен поради тоа што го организира партијата која во своето владеење ја зголемила цената на електричната енергија за 100 отсто и ја укина евтината дневна тарифа на струјата за домаќинствата.
„Тоа го покажуваат и официјалните податоци за цената на киловат електрична енергија. Таа во 2006, годината кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта изнесувала 2,62 денари по киловат час во скапа и 1,31 денари по киловат час во евтина тарифа. Во 2017 кога ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција, цената на киловат час изнесува 5,54 денари и не постои евтина тарифа“,
посочуваат од владејачката партија.