Пратеничката група на СДСМ како и во изминатите години ќе постапи државнички, а ставот ќе го соопшти откако иницијативата ќе се најде пред пратениците
Откако денеска, пратеникот и член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков ја обвини СДСМ дека подготвува план за да ја отфрли иницијативата за референдум, од владејачката партија пристигна реакција за овие обвинувања.
Од „Бихаќка“ велат дека пред да започне со обвинувања, ВМРО-ДПМНЕ треба да ја научи процедурата. Велат дека иницијативата се уште не е стигната пред пратениците и затоа овие обвинувања од страна на опозицијата се паушални и тенденциозни се со цел да не го кажат гласно она што веќе е познато, дека референдумот против Европската Унија нема да успее.
„Ова покажува дека всушност единствената цел на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е преку барањето за референдум да ја спасува својата фотелја и токму затоа секојдневно ја злоупотребува темата со паушални и неосновани обвинувања. Пратеничката група на СДСМ како и секогаш во изминатите години ќе постапи државнички, а ставот ќе го соопшти откако иницијативата ќе се најде пред пратениците“,
велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно ја обвинија власта дека бега од конфронтација со како што велат, огромното мнозинство кое ќе излезе на референдум и ќе гласа за поништување на договорот со Бугарија.
Обвинувањата на опозицијата дека власта планира да ја отфрли Иницијативата за референдум траат неколку дена.
Вчера, Телевизијата Сител, повикувајќи се на неофицијални извори од владејачкото мнозинство, пренесе дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, најверојатно, нема да го помине собранискиот филтер.
Попрецизно, телевизијата тврди дека е извесно сценариото – иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум да биде оценета како неуредна. Основата за таков заклучок, велат анонимни пратеници од владејачкото мнозинство за Сител, е што иницијативата е упатена „до претседателот на Собранието“, со што е избегнато користењето на уставното име на државата, односно не се наведува дека се работи за претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
