Под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе побараме да се покачат платите на просветните работници, рече пратеничката од СДСМ, Даниела Николова
Незадоволни од развојот на настаните и изјавите на министерката за образование Весна Јаневска дека наставниците ветеното покачување на платите ќе го добијат во март следната година, наместо есенва, од опозицискиот СДСМ најавија дека утре ќе организираат собир на наставници и просветни работници пред Министерството за образование и наука во Скопје.
Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, на денешната прес-конференција рече дека слоганот на собирот е „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ и оти ќе побараат покачување на платите во образованието за 12 отсто и да се исполнат барањата на наставниците. Овој собир, вели таа, е предупредување на почетокот на учебната година зашто, како што рече, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој на образованието и оти тие целосно го погазиле ветувањето дека платите на наставниците ќе се зголемат.
„Во септември 2022 и 2023 година СДСМ ги покачи платите во образованието на двапати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година, покачувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти. Дојде ДПМНЕ на власт, дојде септември и сега нема пари за наставниците. Нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар. Но не се само платите. ДПМНЕ не сака да ја намали ниту непотребната административна работа која се бара од наставниците“,
рече Николова.
Таа рече и дека власта нема слух за потребата од вклученост на наставниците и стручните служби од училиштата во процесите на донесување реформи и образовни политики и оти просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно-образовниот процес.
Претходно министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека наставниците нема да добијат покачување на платите за 12 отсто сега во септември, но најави дека зголемување ќе има во март следната година.
За неможноста зголемувањето да биде реализирано оваа година, таа ја обвини претходната власт, која, како што кажа, оставила празен буџет и лошо ги планирала средствата.
„Грчевито се борам и ќе се борам за наставниците и ќе продолжам и ќе инсистирам да се исполни она што сме им го ветиле. Сме им ветиле во првата година, за оваа влада првата година е од јуни до следниот јуни. Во првата година тие секако ќе добијат покачување. Во март ќе добијат покачување на платата, што е можно повеќе, колку што ќе дозволи буџетот, толку ќе добијат. Во текот на годината, ако има можности, уште едно покачување, за да бидат задоволни и мотивирани“,
рече Јаневска.