Оттаму го пренесуваат ставот дека секоја измена во Законот за употреба на јазиците мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија и оти сите законски решенија мора да бидат јасни, применливи и во согласност со европските стандарди, но и во духот на мултикултурата во Северна Македонија и Охридскиот рамковен договор

Уставниот суд да донесува одлуки без притисоци и политички влијанија и кои се правно и конституционално втемелени, транспарентни и во согласност со Уставот. Ова е ставот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) кој го пренесуваат утринава преку партиско соопштение, а пред седницата на Уставниот суд на која една од точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 члена на законот.
„Остро ја осудуваме политизацијата и манипулациите со чувствителни прашања, кои имаат потенцијал да ја нарушат стабилноста на државата и да го предизвикуваат соживотот“,
велат од СДСМ во соопштението.
Праксата на поттикнување тензии, додаваат од СДСМ, не придонесува за решавање на проблемите, туку, напротив, ги продлабочува.
Одговорноста за иднината на државата, велат од партијата, е заедничка и никој нема право да го злоупотребува Законот за употреба на јазиците за теснопартиски интереси.
Оттаму го пренесуваат ставот дека секоја измена во Законот за употреба на јазиците мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија и оти сите законски решенија мора да бидат јасни, применливи и во согласност со европските стандарди, но и во духот на мултикултурата во Северна Македонија и Охридскиот рамковен договор.
„СДСМ ќе продолжи да се залага за мултикултурно, европско и демократско општество, во кое правата на сите граѓани ќе бидат максимално заштитени, а законите ќе се спроведуваат во согласност со највисоките правни и демократски стандарди“,
велат од партијата од каде што ги повикуваат сите политички партии да бидат конструктивни во овој процес, со цел да се одржи стабилноста и меѓуетничката доверба.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) од 8 декември започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што, велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазиците“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците, а премиерот Христијан Мицкоски упати порака до граѓаните да не потпаѓаат на провокации од ДУИ кои, вели, се однесуваат како политички глодачи.
„360 степени“ во понеделникот објави делови од рефератот на судијата известител, кој денеска ќе се најде пред уставните судии, а во кој редакцијата имаше увид. Во него не само што не се предлага поведување потапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците во целина, туку се аргументира дека тој е втемелен во Уставот.
Тоа за што се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се општи формулации во неколку члена од законот, како и две конкретни одредби – за симболите на парите и за водењето на судските постапки. Членовите или деловите од членовите за кои се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се и дел од забелешките на Венецијанската комисија во нејзиното мислење за законот од 2019 година.
Насловот на соопштението оттаму гласеше – „Венецијанската комисија ја повикува Северна Македонија да го преиспита новиот Закон за јазиците и да ги укине одредбите за двојазичност во судските постапки“.
Аргументацијата на групата експерти на ова тело беше истата која сега ја користи и Уставниот суд – добредојдено е почитувањето на јазичните права, но не и ако се воведуваат неспроведливи одредби.