„Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува. Предвидува креирање емисија двапати неделно со анализирање анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ“, обвинуваат од СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска објави документи за кои тврди дека покажуваат оти анкетите објавени на националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ и се лажни.
Според тврдењата на владејачката партија, станува збор за реализација на цела шема, оперативен план кој на 5 декември минатата година бил подготвен од републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ со кој наводно, меѓу другото, се предвидува пласирање лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите во пресрет на претседателските и парламентарните избори. Како што тврдат од СДСМ, повикувајќи се на документите, анкетите објавени на националниот сервис, наводно, се дел од планираните активности на политичкиот конкурент за пласирање лажни вести пред изборите.

„Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува. Предвидува креирање емисија двапати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ. Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа тројца опозициски и еден од власта“,
се наведува во соопштението од СДСМ.

Според владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ има определено лица задолжени за креирање и ширење лажни вести кои, како што се наведува, се пласираат и преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали.
„Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните, а немаат врска со реалноста. Но, исто така, потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ. Пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анкети се истите методи на Никола Груевски, а сега ги спроведува Христијан Мицкоски. Ништо не се менува во ДПМНЕ. За овој скандал мора да има одговорност“,
велат од СДСМ.
Анкетите од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), чиј програмски директор е Владимир Божиновски, изминатиот период се емитуваа на МТВ и покажуваа предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ.
Од анкетните резултати од секоја изборна единица поединечно, кои беа објавени во серија изданија на емисијата „Објектив“ на МРТ 1, согласно Донтовиот модел, направена е симулација на пратеничките мандати што би ги освоиле партиите, а сумираните резултати беа презентирани на 20 февруари.
Според симулацијата, најмногубројна пратеничка група по изборите би била ВМРО-ДПМНЕ со 52 до 54 пратеници. Од друга страна, СДСМ би освоила двојно помалку, односно од 26 до 30 пратенички места во парламентот, покажува симулацијата. Од другите партии од македонскиот политички блок, Левица би освоила од пет до шест пратеници, а партијата За наша Македонија (ЗНАМ) на Максим Димитриевски од четири до шест пратеници.
Во однос на претседателските избори, во емисијата „Објектив“, на 19 март беа презентирани резултати кои покажаа дека во првиот круг од претседателските избори кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, би освоила најмногу гласови, а покрај неа во вториот круг би се пласирал и Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ.