Од владејачката партија ги нападнаа по ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека во време на криза ширеле паника меѓу граѓаните
Со брза и навремена реакција на Владата предводена од СДСМ, спречен е ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата, сметаат од владејачката партијата.
Според нив, мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, придонело цената на струјата да се покачи за само 9,48 отсто што, велат, е далеку под првичните прогнози од над 25 отсто.
„Притоа евтината ноќна тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рестрикции нема да има. Дека цената на електричната енергија е глобален проблем потврдуваат и покачувањата на цената на струјата во многу држави, а најизразено е во Турција каде електричната енергија за домаќинствата поскапи за 50 отсто, додека за компаниите и за над 100 отсто“,
рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа зборуваше и за одлуката на владата финансиски да им се помогне на ранливите потрошувачи за што се обезбедени 60 милиони денари.
„Со оваа мерка ќе се опфатат околу 7 500 домаќинства со ниски примања во времетраење од 12 месеци, кои ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството“,
рече Кузеска.
Од владејачката партија ги нападнаа по ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека во време на криза ширеле паника меѓу граѓаните.
„И додека Владата предводена од СДСМ е посветена на креирање мерки со кои ќе се намалат последиците од енергетската криза, ВМРО ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, продолжува и во време на криза со лаги, со цел да поттикнат паника кај граѓаните. Мицкоски лажеше дека цената на струјата ќе биде повисока до 40 отсто, тој и ВМРО ДПМНЕ и оваа криза ја користат за евтини политички поени, неводејќи никаква грижа за граѓаните“,
обвини СДСМ.