Социјалдемократите велат и дека залудно Арсовска зборува за нови паркови, а притоа не предочува ни „п“ од проект за барем еден парк
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, без срам зборува дека на Скопје му недостига зеленило, откако ВМРО-ДПМНЕ со години систематски го уништуваше зеленилото во Скопје и на Водно, реагираат од скопската организација на СДСМ откако кандидатката за градоначалничка поддржана од опозициската партија на прес-конференција најави пет мега-паркови во главниот град.
„Да, на Скопје му недостига зеленилото од булевар ’Климент Охридски‘, кое Коце Трајановски и Никола Груевски го искасапија, а Шилегов вети дека ќе го вратиме. На Скопје му недостигаат парковите и зеленилото во Центар уништени со мегаломанскиот проект ’Скопје 2014‘, кое ние го надоместуваме со зелени кровови и зелени скверови. На Скопје му недостига зеленилото на Водно, кое партијата на Арсовска ВМРО-ДПМНЕ систематски го уништуваше со ’Сончев Град‘, патот до Сончев град, ’Беверли Хилс‘ на Водно и плацовите за ’згради мади‘ на Груевски и урбаната мафија“,
реагираат од СДСМ.
Социјалдемократите велат и дека залудно Арсовска зборува за нови паркови, а притоа не предочува ни „п“ од проект за барем еден парк. Исто така, потсетуваат дека во мандатот на актуелниот градоначалник, Петре Шилегов, кој бара и нови четири години на чело на Град Скопје, на местата каде имало диви депонии и паркинзи никнале нови паркови и зелени скверови, а возобновени се и Градскиот парк и паркот Сарај.