Кандидатката смета и дека постоечкиот Градски парк не е среден како што треба и оти заедно со недостатокот на други зелени површини е еден од главните проблеми на скопјани
Изградба на пет нови мега-паркови во Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, по примерот на Градскиот парк, вети денеска независната кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Претставувајќи ја програмата за локалните избори таа рече деке новите паркови ќе бидат со урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки.
„Во рамки на програмата и реализацијата на овој проект за изградба на нови пет мега-паркови секоја година се обврзувам дека градот ќе засадува 100.000 нови садници. Немаме друга опција освен Скопје да стане вистински еколошки и одржлив град. Ако сакаме чист воздух, убава средина за живот и места за рекреација мора да вложиме во нив. Нема повеќе оправдувања и одложувања. Скопје мора да има брзи и сигурни решенија“,
изјави Арсовска.
Таа смета и дека постоечкиот Градски парк не е среден како што треба и оти заедно со недостатокот на други зелени површини е еден од главните проблеми на скопјани.
„Последниве години сме сведоци дека останавме без дрвја за сметка на бетонизацијата. Овие неколку години Скопје доживеа урбан хаос, се градеше на места без долгорочен план и стратегија за иднината. Зеленилото е потреба на секој модерен град, а ние во континуитет го губиме. Нема компромиси кога станува збор за здравјето на граѓаните, нема компромиси наместо зеленило да се градат згради кога Скопје е еден од најзагадените градови. Скопјани имаат само еден парк и тој не е среден како што треба“,
изјави Арсовска.