Според нив, минималната плата стагнира, просечната плата не расте, а колективните договори не се почитуваат

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека првомајскиот протест е гласот на работниците и борба за достоинство и правда и затоа велат дека изразуваат цврста и безрезервна поддршка и оти на овој 1 мај СДСМ ќе стои рамо до рамо со работниците.
„Првомајскиот протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија е гласот на работниците кои бараат повисоки плати, подобри услови за работа и заштита на своите права“,
се вели во соопштението од СДСМ испратено попладнево.
Оттаму велат дека како партија секогаш биле со работниците, спомнувајќи ги, како што велат, постигнувањата што ги имале додека биле на власт.
„СДСМ гордо стои зад своите постигнувања како зголемување на минималната плата од 8 000 денари на над 20 000 денари, зголемување на просечната плата од 22 000 денари на над 42 000 денари, воспоставување на систем за усогласување на платите со трошоците на животот. СДСМ беше и остана единствена партија која сите политики за работниците ги носеше со нив и за нив“,
се додава во партиското соопштение.
Денес, додаваат од СДСМ, сведоци сме на влада која ги игнорира потребите на работниците.
Според нив, минималната плата стагнира, просечната плата не расте, а колективните договори не се почитуваат.
„Вработените во јавниот сектор се дискриминирани, дури и редовните плати не се исплаќаат навремено. Ова е неприфатливо и недостојно. СДСМ верува во социјалната правда и достоинството на трудот. Тие се постулатите на нашето делување и нашите политики“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата велат дека ќе продолжат да се борат за политики кои обезбедуваат фер плати, сигурни работни места и почитување на работничките права.
Сојузот на синдикати на Македонија најави дека утре со почеток во 11 часот ќе одржи протест за зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, за зголемување на сите останати плати за 100 евра, за почитување на колективните договори и зголемување на сите плати на работниците.