Портпаролката Богданка Кузеска денеска на прес-конференција во име на партија побара итно повлекување на измените на Законот бидејќи, како што рече, со нив се удира врз системот на кариера, се укинуваат критериумите за назначување високи полициски функционери и се отвораат вратите за масовно вработување на „партиски војници“
Реакција на измените стигна и од невладиниот сектор, конкретно од Платформата за родова еднаквост, од каде за спорен го оценуваат предлогот за бришење на членот 96 од актуелниот Закон кој, како што велат, јасно ја утврдува обврската за почитување на принципот на еднаквост при вработување во полицијата

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска како опасни и штетни ги оцени предлог-измените на Законот за полиција, кои се во собраниска процедура, и предупреди дека со нив министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и Владата имаат намера да ја партизираат и уништат оваа служба, која, од друга страна, треба да биде професионална.
Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, со предложените измени на Законот, министерот Тошковски директно удира врз кариерниот систем, ги понижува знаењето и искуството и ги отвора вратите за масовно вработување на „партиски војници“ и послушници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Аргументирајќи ги позициите на партијата, портпаролката се осврна на конкретни членови од законот кои се менуваат, а кои одат, како што кажа, во насока полицијата да ја претворат во „партиска милиција“ на партијата на власт.
„Со измените на член 2, Тошковски предвидува за највисоките позиции да се поставуваат луѓе со несоодветно образование и без искуство на раководна позиција. Со тоа се деградира полицијата и наместо професионалци се носат советници со нејасно дефинирани улоги и заслуги“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Со член 4 од измените, како што наведе таа, се бришат критериумите за назначување началник на Секторот за внатрешни работи (СВР), односно се брише ставот 2 од членот 22 од актуелниот Закон, според кој на оваа позиција може да биде назначено лице со минимум шест години работно искуство, од кои четири на раководна позиција.
„Ова значи дека началник на СВР може да стане и човек кој вчера положил приправнички испит, односно било кој што ќе го избере Тошковски“,
вели Кузеска.
Понатаму, според портпаролката на опозициската партија, со членот 6 од измените се укинуваат Регионалните центри за гранични работи кои се припојуваат кон Секторите за внатрешни работи. Ова, рече Кузеска, е во спротивност со европските стандарди за контрола на границите, односно уште еден чекор на Владата кој оди контра препораките на Европската Унија за безбедност.
„Со член 12, се овозможува податоците во евиденциите да се бришат по 60 години, а не трајно, што отвора простор за манипулации и бришење траги за злоупотреби на нивните луѓе. Ова е смислена измена за да се амнестираат оние кои Тошковски ќе реши дека не треба да одговараат. Со член 15, се подига возраста за вработување на 30 години, со што им отвораат простор за вработување на партиски кадри, а не млади професионалци. Уште еден удар врз младите и дополнителна можност за партизација“,
рече Кузеска.
Како најскандалозен дел од измените, таа го наведе бришењето на членот 119 од Законот, кој како што кажа, отвора можност луѓе кои се осудени и со забрани за работа да останат во полицијата и да бидат амнестирани од одговорност.
„На полициски службеник на кого со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена заштитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или ќе мора заради издржување на казна затвор да отсуствува од работа повеќе од шест месеца, му престанува работниот однос во Полицијата со денот на врачувањето на правосилната пресуда. Решението за престанок на работниот однос според ставот (1) на овој член го донесува министерот“,
пропишува членот 119 во Законот за полиција, што се предложените измени се брише.
Според портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз, станува збор за смислен и опасен план на владејачката ВМРО-ДПМНЕ која има за цел да го уништи системот на кариера, да ја претвори полицијата во „партиска милиција“ и да обезбеди амнестија за нивниот криминал.
Затоа, како што рече таа, СДСМ бара овие измени веднаш да бидат повлечени и институциите да останат во служба на граѓаните.
Инаку, СДСМ не беше единствен која денеска реагира на Предлог-измените на Законот за полиција.
Реакција стигна и од невладиниот сектор, конкретно од Платформата за родова еднаквост, од каде за спорен го оценуваат предлогот за бришење на членот 96 од актуелниот Закон кој, како што велат, јасно ја утврдува обврската за почитување на принципот на еднаквост при вработувањето во полицијата.
Инаку, во ставот 1 од овој член од Законот за полиција стои: „При вработувањето во Полицијата треба да бидат соодветно и правично застапени граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитување на критериумите на стручност и компетентност“, додека во ставот 2 е пропишано: „При вработување во Полицијата да се почитува принципот на еднаквост на половите“.
„Со ваквата измена се укинува единствениот член кој експлицитно упатува на еднаквост и инклузивност во полициската структура, што не само што е спротивно на националното законодавство и на обврските преземени со Истанбулската конвенција и други меѓународни конвенции, туку испраќа и опасна порака дека родовата еднаквост и инклузивноста се ирелевантни во изградбата на безбедносните институции“,
се вели во реакцијата од Платформата за родова еднаквост.

Укинувањето на вакви клучни одредби, според невладината, значи легитимирање на нееднаквоста и дискриминацијата, но и сериозно го загрозува кредибилитетот на полицијата како сервис за сите граѓани.
„Жените кои и онака се недоволно застапени во безбедносниот систем, ќе станат уште поневидливи во институција што има клучна улога во заштитата од насилство и гарантирањето на јавната безбедност“,
велат оттаму и бараат итно повлекување на измената со која се укинува членот 96 од Законот за полиција.
Инаку, како што може да се види на веб-страницата на Собранието, предлог-измените на Законот за полиција се во фаза на прво читање и ја имаат поминато Законодавно-правната комисија, која дала зелено светло измените да одат во натамошна постапка.