Ова следува откако советниците на СДСМ гласале за заклучокот на Советот на Лозово да се провери дали симболот Сонцето од Кутлеш може да биде на официјалното знаме на оваа општина
Не се работи за одлука на Советот туку за заклучок со којшто се задолжува општинската администрација да провери дали симболот на поранешното знаме (Сонцето од Кутлеш) може да биде официјално знаме на општина Лозово, велат од СДСМ, откако некои медиуми објавија дека советот на оваа општина донел одлука ова да биде официјално знаме на општината Лозово.
Во партиското соопштение се наведува дека иако не станува збор за конечна одлука, СДСМ се оградува од ова несоодветно однесување на советниците коешто може да се толкува дека е во спротивност пред сѐ со државните интереси, со добрососедските односи со Грција, но и со политиките и статутарните одредби на СДСМ.
„Вакви непромислени постапки може да отворат прашања за непочитување на меѓународните договори, што негативно влијание на стратешките интереси на државата. Во конкретниот случај, Преспанскиот договор, кој директно го овозможува нашето членство во НАТО и го помага процесот на преговори со ЕУ. Во интерес на нашата држава е да го почитуваме и доследно да го имплементираме Договорот што помогна да ја надминеме најголемата пречка што го блокираше нашиот меѓународен развој“,
велат од СДСМ.
Поради ова надзорниот одбор на СДСМ започна постапка, при што го разгледува овој случај и утврдува прекршување на етичкиот кодекс и статутарните одредби и врз основа на одлуката на ова партиско тело ќе произлезат одлуки дали советниците на СДСМ ќе бидат исклучени од партијата.