Единствена промена што ќе следува во составот на Владата е нов министер за локална самоуправа што треба да дојде на местото на Горан Милевски кој се повлече од функцијата

Информациите дека се подготвува реконструкција на Владата денес се демантирани токму од владејачкиот СДСМ.
Од партијата преку соопштение информираат дека воопшто не се разговара за реконструкција на Владата и дека единствено ќе се пополни позицијата на Горан Милевски кој се повлекува од Министерството за локална самоуправа.
„СДСМ ги демантира написите во одредени медиуми за наводна реконструкција на Владата. Ниту партиското раководство, ниту највисоките партиски органи воопшто разговарале за реконструкција на Владата. Единствена промена што ќе следи во составот на Владата е нов министер за локална самоуправа кој треба да дојде на местото на Горан Милевски кој се повлече од функцијата“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Оттаму додаваат дека наводите дека ќе се менуваат министри од редовите на СДСМ се свесни манипулации кои доаѓаат од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во обид да ја дефокусира јавноста од своите внатрепартиски проблеми, како и мега скандалот со тендерот од 136 милиони евра во Град Скопје.
„Владата предводена од СДСМ останува фокусирана на менаџирање со економската и енергетската криза, како и креирање нов пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството“,
додаваат од партијата.