Дека македонскиот јазик е рамноправен со остатите јазици во Европската Унија вечерва порача и премиерот Димитар Ковачевски во објава на Фејсбук кој напиша оти Фронтекс е првиот од многуте договори со ЕУ кој ќе се потпише на македонски јазик, како рамноправен со останатите јазици на ЕУ
Пропаднаа сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ за наводна асимилација, бугаризација и за наводно загрозување на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, реагираат вечерва од владејачкиот СДСМ, посочувајќи ја одлуката на Советот на Европската Унија, Договорот со Фронтекс да биде преведен на 25 јазици, меѓу кои и на македонски јазик.
„Советот на ЕУ денеска ја усвои Одлуката Северна Македонија да го потпише Договорот за гранично управување, попознат како Фронтекс. Договорот наскоро ќе биде потпишан на македонски јазик, без фусноти и дополнителни објаснувања“,
посочуват од СДСМ.
Ова, како што додаваат од партијата, е прв официјален договор со Европската Унија на македонски јазик.
„Со ова уште еднаш се потврди дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за наводно бришење на македонскиот јазик е само една обична лага“,
додаваат оттаму.
Дека македонскиот јазик е рамноправен со остатите јазици во Европската Унија вечерва порача и премиерот Димитар Ковачевски во објава на Фејсбук.
„Фронтекс е првиот од многуте договори со Европската Унија кој ќе се потпише на македонски јазик, како рамноправен со останатите јазици на ЕУ. Македонскиот јазик, македонскиот идентитет, со овој договор но и со преведувањето на целокупното европско законодавство добива исклучително важна потврда. Државните, националните интереси и интересите на граѓаните се во фокусот на оваа Влада и никогаш нема да отстапиме од нив“,
порача премиерот Ковачевски на Фејсбук.
Советот на ЕУ денеска донесе одлука за потпишување на договорот за соработка во управувањето со границите меѓу Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и Северна Македонија. Советот, исто така, се согласи да ја испрати нацрт-одлуката за склучување на договорот до Европскиот парламент за негова согласност. Договорот ќе биде преведен на 25 јазици, меѓу кои и на македонски јазик и доставен до земјите членки на Европската Унија.
Договорот со Фронтекс беше инициран од Македонија уште во 2018 година, но Европската гранична и крајбрежна агенција која ги „чува“ границите на ЕУ (Фронтекс) дури сега го актуализира договорот за да биде во согласност со моделот кој важи за сите земји учеснички. Главната пречка досега беше именувањето на македонскиот јазик, што го кочеше Бугарија.
Договорот досега беше блокиран поради одбивањето на Бугарија да ги прифати зборовите „македонски јазик“ во текстот.
