Mеѓу предложените мерки е и онаа со која опозициската партија бара Владата да ги субвенционира домаќинствата, градинките, училиштата и јавните објекти за замена на нееколошките системи за затоплување со чисти технологии
Обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ оти не преземала ништо во врска со аерозагадувањето во последните шест месеци откако е на власт, опозицискиот СДСМ денеска излезе со серија итни мерки за справување со загадениот воздух.
Од опозициската партија бараат во Министерството за животна средина да биде донесена програмата за чист воздух, а Владата да ги субвенционира домаќинствата, градинките, училиштата и јавните објекти за замена на нееколошките системи за затоплување со чисти технологии.
Понатаму, бараат интензивни инспекциски контроли врз потенцијалните извори на штетни емисии како инсталации, сервиси, диви депонии и стрништа, но и контроли на градилиштата и стопирање на градежни работи во градовите со зголемено загадување. Предлагаат и интензивни активности за зголемување на јавната хигиена со миење на улиците, чистење на дивите депонии и собирање на отпадот.
Една од мерките е и засилена контрола на техничката исправност на возилата, особено дизел-возилата.
„Потоа, работодавачите да ги ослободат од обврски бремените жени, постари лица и хронично болни во деновите со екстремно загадување, да се направи реорганизација на работното време за работници на отворено, со скратена работа од 11:00 до 17:00 часот и да се воведе забрана за спортски и културни манифестации на отворено при високо загадување“,
рече на денешната прес-конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од СДСМ, мора да ги промени погрешните политики и да почне нешто да презема зашто загадениот воздух не е само статистика туку директно влијае врз животите.
„Борбата против загадувањето е долг процес кој бара стратешки пристап, континуирана посветеност и сериозни институционални мерки. Ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за милијарда евра за чист воздух, за намалувањето на загадувањето за 50% се покажаа како голема лага“,
додаваат од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена, одговарајќи на новинарски прашања изјави дека единствен начин како може да се намали емисијата на штетни честички е од ноември до март да се смени системот на затоплување на домовите. Во оваа смисла, како можност го спомена централното затоплување за кое е потребна изградба на гасни централи, но за тоа да може да профункционира, како што рече, потребни се најмалку две до три години.