Актуелен е скандалот со егзотичното крстарење на градоначалникот, заедно со секретарот на Општина Охрид, но и други лица од неговиот кабинет. Со денови охриѓани чекаат одговор колку пари чини ова егзотично патување и на чија сметка крстари Пецаков, рекоа денеска од СДСМ
На Фејсбук со одговор се огласи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој вели дека решил годишниот одмор да го земе сега, во ноември, кога во Охрид има помалку случувања и ги повика Министерството за внатрешни работи, Обвинителството и сите надлежни институции да проверат кој го платил патувањето и колку е тоа егзотично
Владејачкиот СДСМ денеска повторно побара одговор од градоначалникот на Охрид и од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да кажат колку чини егзотичното крстарење на Кирил Пецаков и на чија сметка е тоа. За патувањето на охридскиот градоначалник од СДСМ објавија во петокот кога рекоа дека Пецаков една недела не е во Охрид ниту во Македонија.
„После 2 години поразителен е заклучокот: Охрид ја има најнеспособната локална власт досега на чело со Кирил Пецаков и ДПМНЕ. Актуелен е скандалот со егзотичното крстаење на градоначалникот, заедно со секретарот на општина Охрид, но и други лица од неговиот Кабинет. Со денови охриѓани чекаат одговор колку пари чини ова егзотично патување и на чија сметка крстари Пецаков. Додека ги зголемува цените на услугите по јавните претпријатија за охриѓани должен е да излезе и да одговори пред граѓаните“,
рече на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ, Лазе Танески.
Танески вели дека со ДПМНЕ и Пецаков охриѓани плаќаат повисоки сметки за над 40 отсто, за гробарина за 75 отсто, за градски пазар за 35 отсто, како и поголема цена на паркинг.
„Поминаа две години, а освен скандали во Охрид локалната власт на ДПМНЕ ништо не работи. Резултати нула“,
рече Танески.
Пратеникот Танески вели дека единствено СДСМ преку Владата која ја предводи вложува во Охрид и реализира проекти.
„СДСМ вложи шест милиони евра во охридското образование. Долгот на Општина Охрид е исплатен повеќе од половина токму со помош на Владата на СДСМ. Санација, преземање на долгот и управувањето со Колекторскиот систем е исто така дело на СДСМ. Успеавме да го зачуваме и престижниот статус на нашиот бисер, Охридското езеро останува на листата на УНЕСКО. Тоа е суштинска разлика помеѓу СДСМ и ДПМНЕ во Охрид“,
рече Танески.
По прес-конференцијата на Лазе Танески, на Фејсбук со одговор се огласи градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков кој вели дека решил годишниот одмор да го земе сега, во ноември, кога во Охрид има помалку случувања.
„Овие 2-3 дена на највисоко ниво ја издигна СДСМ темата за некакви мои егзотични патувања, дополнително на тоа и кој ги плаќал. Како и секој нормален човек одлучив мојот годишен одмор од шест ноќевања со сопругата да го поминам токму во овој период, во ноември, кога во нашиот град е потивко и има помалку случувања, секако далеку од егзотично патување“,
пишува Пецаков.
Пецаков во одговорот вели оти ги повикува Министерството за внатрешни работи, Обвинителството и сите надлежни институции, да проверат кој го платил патувањето и колку е тоа егзотично.
Тој во статусот на Фејсбук се обраќа и до портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска и до Лионела Јаковлева, членка на ИО на ОО СДСМ Охрид, каде што вели дека тие, како личности од тој регион, требало да знаат дека во лето тој бил во градот пред сè заради подобро функционирање.
„Секако дека имам право на годишен одмор со сопругата, за разлика од нив кои уживаат и не одат на работа во текот на летниот период, притоа користејќи повеќе денови од колку што е законски пропишано, тука посебно мислам на втората личност“,
додава тој.
Според него, играњето на ниски страсти и чист популизам само ја потврдува безидејноста и немањето вистински теми за комуникација и критика и само по себе, како што вели, од политички аспект претставува многу лоша стратегија, а начинот на „купи ден, помини ден“ политика одамна веќе изгледа и смешно и погубно, пред сè за државата.
Пецаков во одговорот додава дека секоја нормална влада пред парламентарни избори би се фалела и презентирала што направила, во случајов за Охрид, тој вели дека СДСМ се занимава со локална власт и проекти и градоначалници што е, како што вели, базирано на ниски страсти и емоции, затоа што немаат што да презентираат и она што беше отпочнато не можат да го завршат.
„Затоа што од голтари станаа милионери, ја обезличија државата и ги понижија граѓаните на Македонија. Затоа што три од капиталните проекти на општина Охрид, откако сум градоначалник, ги блокираат во Министерствата за транспорт и за култура константно година и пол. Затоа што за прв пат во историјата на општина Охрид, ќе биде одблокирана и раздолжена, во истиот период одблокирано ќе биде ЈП ’Нискоградба’, претпријатие кое го создадоа истите и го задолжија 1 200 000 евра, а после тоа следува раздолжување на уште три јавни претпријатија“,
пишува Пецаков.