Ова, како што посочи Дарко Каевски од СДСМ на денешната прес-конференција, е последната шанса за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски да се престројат на страната на државните и националните интереси
„Во ВМРО-ДПМНЕ сè уште го чекаме текстот на Декларацијата за Илинден во насока на заштита на државните интереси и значењето на Илинден за Македонија и македонскиот народ. Декларацијата СДС ја најави пред прославата на Илинден, а оттогаш има само молк, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски
Владејачката СДСМ денеска повторно ги повикаа сите политички партии, особено ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка на Манифестот за преговорите со Европската Унија, во кој е опфатена и потребата од изгласување на уставните измени.

„Манифестот за преговорите со ЕУ зад кој застанаа СДСМ и сите политички партии од парламентарното мнозинство е добра основа за обединување на европскиот пат. Ги повикуваме сите политички партии, а особено ДПМНЕ да дадат поддршка на овој важен документ за европската иднина. Следствено на манифестот треба да се случат и уставните измени зад кои треба да застанат сите политички партии и пратеници кои и мислат добро на државата“,
рече Дарко Каевски, пратеник во Собранието и портпарол на СДСМ на денешната прес-конференција.
Ова, како што посочи тој, е последната шанса за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски да се престројат на страната на државните и националните интереси.
„Прозорецот на можности Христијан Мицкоски да се приклучи на европскиот блок полека се затвора. Со поддршката на Манифестот и на уставните измени ДПМНЕ и Мицкоски на дело ќе покажат дека се за европската иднина на државата“,
рече Каевски.
Во спротивно, додаде тој, од опозициската партија ќе покажат дека сите оние декларативни заложби на за Европската Унија биле само обичен блеф пред граѓаните, пред домашната и меѓународната јавност.
На прес-конференцијата на Каевски, како одговор на новинарски прашања, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, но наместо за Манифестот од опозициската партија прашаа што се случи со најавената Декларација за Илинден.
„Во ВМРО-ДПМНЕ сè уште го чекаме текстот на Декларацијата за Илинден којашто СДС ја најави пред речиси цел месец, во насока на заштита на државните интереси и значењето на Илинден за Македонија и македонскиот народ. Декларацијата СДС ја најави пред прославата на Илинден, а оттогаш има само молк и за неа и за ставовите искажани од Софија за Илинден. И оттука прашуваме дали СДС по најавата им е забрането или се исплашија и да состават Декларација со таква содржина или пак се исплашија самоцензурираа, и со тоа ја излажаа македонската и меѓународната јавност?“, и
изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Во оваа насока, како што посочи тој, од партијата прво го чекаат текстот на Декларацијата за Илинден.
„Како сериозна партија очекуваме официјален допис“,
рече Стоилковски.
Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ уште во вторникот кога беше објавен Манифестот, рекоа дека со него власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус.
„Имено, седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ, напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале, го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ, откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став“,
рече Стоилковски во вторникот.