Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски вели дека врвот на МВР и БЈБ треба да понесе одговорност и без селективност и без заобиколување да се утврдат сите лица кои имаат најголема одговорност за трагедијата
Министерот Панче Тошковски да поднесе оставка, а МВР да сноси одговорност за нарушената безбедносна состојба во земјата и за пропустите за несреќата во Кочани каде животот го загубија 59 млади луѓе – Ова се барањата на опозициската СДСМ изнесени на денешната прес-конференција во партиското седиште од страна на потпретседателот на партијата Методија Илиевски.

Тој вели дека граѓаните мора да се чувствуваат сигурно на улиците и оти децата мора да растат во безбедносна средина каде институциите мора да бидат во служба на народот. Токму трагедијата во Кочани, според СДСМ ги разотркри сите пропусти во институциите, но и на колапсот на безбедносниот систем и токму затоа е потребно врвот на МВР и БЈБ да сноси одговорност и без селективност, да нема обиди да се заобиколат сите оние кои имаат најголема одговорност.
„Нешто не е во ред со безбедноста во државата, а за тоа се молчи. Мора да има одговорност согласно законите, но и морална одговорност. После катастрофалната трагедија во Кочани, продолжија серија на безбедносни инциденти“,
кажа Илиевски.
Како примери, Илиевски ги наведе ранувањето на вработената во прилепскиот Центар за социјални работи, пукањето во с. Моране каде што едно лице беше повредено, но и над дваесетте сообраќајки кои резултираа со многу повредени и прегазени лица во македонските градови.
„Безбедносниот системот целосно потфрли. Превенцијата која што е директна надлежност на МВР и Панче Тошковски затаи. Контролите ги нема. Има само последици, тешки и недозволиви. Затоа СДСМ бара: оставки и одговорност од раководството на МВР на чело во Панче Тошковски“,
рече Илиевски.