Исто како што ВМРО-ДПМНЕ го осакати главниот град со криминалната пералница на пари „Скопје 2014“, сега му се заканува нова катастрофа. „Скопје 2014“ му ја приреди Груевски, катастрофата „Скопје 2024“ ја приредува Христијан Мицкоски, рече Васко Кичевски, прв човек на градската организација на СДСМ во главниот град

Една година од локалните избори на виделина е вистинското лице на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, како и во општините на главниот град. Наместо да работат за граѓаните, за скопјани, за развојот на градот, гледаме кулминација на една брутална кавга помеѓу Мицкоски и Арсовска. Само за лични, партиски и бизнис-интереси на структури во ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ за јавните препукување помеѓу скопската градоначалничка и партијата која ја поддржа на минатите локални избори.
„Досега Арсовска им беше супер, одеднаш не им одговара, не била нивна. Токму Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа кандидатурата на Данела Арсовска за градоначалник. Дури и потписите и ги собраа. Заедно одеа на митинзи, на собири, на средби се фалеа и бараа поддршка од скопјани. Пари, бизнис зделки и влијанија, друго не го интересира Мицкоски. Тоа е причината за јавните препукувања и ништо друго“,
рече Васко Кичевски, претседател на градската организација на СДСМ во Скопје.
За конкретниот тендер за пречистителна станица тежок 136 милиони евра, поради кој Арсовска ги разреши директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински и генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, од СДСМ побараа надлежните правосудни органи да ги истражат сомнежите за криминал.
Кичевски обвини и дека по преземањето на градската власт од ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, Скопје стои во место и нема реализација на ветените проекти.
„ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период намерно ја сопре реализацијата на стратегиските проекти во градот како што е БРТ-системот, мостот во Аеродром, на Љубљанска, Универзална сала. Го загрози дури и проектот за пречистителна станица… сите важни за скопјани“,
рече првиот човек на Градската организација СДСМ – Скопје.
За жал, додаде Кичевски, на Скопје му се случува репризата на криминалното ВМРО-ДПМНЕ со силен удар врз развојот на градот.
„Исто како што ВМРО-ДПМНЕ го осакати главниот град со криминалната пералница на пари ’Скопје 2014‘, сега му се заканува нова катастрофа. ’Скопје 2014‘ му ја приреди Груевски, катастрофата ’Скопје 2024 ја приредува Христијан Мицкоски“,
рече Кичевски.
