Во врска со опожареното „ауди“, за кое во полицискиот билтен беше објавено дека е во сопственост на извесен Б.Л., денеска се огласи и првиот вицепремиер Артан Груби, кој не демантираше дека приватно го користел возилото иако тоа се води на име на друго лице. Во реакцијата која ја објави на Фејсбук, Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него
Владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) доцна вечерва преку писмено соопштение го осуди палењето на возилото во Чаир кое, како што велат од партијата, го користел вицепремиерот Артан Груби.

Ваквиот акт на насилство, велат од СДСМ, е неприфатлив и недозволив.
„СДСМ го осудува палењето на возилото кое го користел вицепремиерот Артан Груби. Очекуваме сите надлежни институции, МВР, истражните и судски органи целосно да го расчистат случајот, а јавноста да биде информирана за причините, мотивите и сторителите кои треба да понесат одговорност“,
гласи кусото соопштение на СДСМ.
Во врска со опожареното „ауди“, за кое во полицискиот билтен беше објавено дека е во сопственост на извесен Б.Л., денеска се огласи и првиот вицепремиер Артан Груби, кој не демантираше дека приватно го користел возилото иако тоа се води на име на друго лице. Во реакцијата која ја објави на Фејсбук, Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него.
Инцидентот, кој инаку се случил околу 3 часот утринава, денеска го осудија и министрите за надворешни работи и за економија, Бујар Османи и Крешник Бектеши. Во поединечни објави на Фејсбук, двајцата министри од редовите на ДУИ го осудија палењето на возилото и обидот за напад врз првиот вицепремиер Артан Груби.
Осуда дојде и од Алијанса за Албанците. Од партијата го нарекоа „вандалски и хулигански чинот на палењето на автомобилот на вицепремиерот Груби“.