Осомниченото лице Антонијо Милошоски да не прави циркуси, за кои знаеме дека е талент, и да не го свртува вниманието на јавноста со евтини трикови. Наместо да ја попречува правдата како еден од осомничени во случаи за сериозно кршење на законите, Милошоски треба редовно да се јавува на суд, исто онака како што е редовен во правењето театар за прашања клучни за иднината на државата, реагираат од СДСМ откако на денешната јавна расправа пратеникот од опозицијата со двајца свои колеги излезе со транспарент за време на говорот на републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
„Не постои доволно голем транспарент со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе ги покрие сопствените криминали и срам. Ништо не го сокрива фактот дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ работат против правдата, против интересите на граѓаните“,
пишува во реакцијата на СДСМ.
На ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски единствена цел им е предметите и истрагите што се водат против функционерите на ВМРО-ДПМНЕ да ги снема и ниту едно обвинителство да нема надлежност врз предметите на СЈО.
Јавната расправа за законот за јавно обвинителство започна попладнево во собраниската сала „Борис Трајковски“. Предвидено е да трае до 18 часот, а ако има потреба да продолжи и утре.
Откако на почетокот на расправата се обрати министерката за правда Рената Дескоска, претседателот на собраниската Комисија за политички систем Александар Кирацовски му даде збор на Љубомир Јовески.
Додека обвинителот се обраќаше од говорницата во салата „Борис Трајковски“ во Собранието, пратениците Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска и Горан Манојлоски од галеријата каде што се сместени новинарите развеаја транспарент.
„Господине Јовески, до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба (член 60, Закон за ЈО)“, пишуваше на платното.
Кирацовски им се извини на гостите и сакаше да даде пауза, а обвинителот Јовески прокоментира дека не му пречи герила-акцијата.
Расправата продолжи без пауза, веднаш откако тројцата опозициски пратеници ја напуштија салата.