СДСМ јавно постави сериозни прашања барајќи одговори дали станува збор за перење пари, дали е ова дел од коруптивна шема поврзана и со техничкиот прием на зградата и дали градоначалничката функција е злоупотребена за приватен профит

Атина Мургашанска, советничка од СДСМ во Советот на Општина Куманово, денеска на прес-конференција обелодени нов, како што го нарече, „скандал со шеми за станови“ во кој се вмешани градоначалникот Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски. Според СДСМ, станува збор за сомнителни шеми со станови во вредност од околу 140 илјади евра.
Мургашанска ги презентираше настаните, почнувајќи од 2010 година, кога Максим Димитриевски купил 10 000 квадратни метри земјиште по цена од едно евро за квадратен метар, односно вкупно 10 000 евра. Ова земјиште кај поранешен ЧИК „Куманово“, иако тогаш Димитриевски не бил градоначалник, подоцна станало клучна алатка во, како што тврди СДСМ, сомнителна шема.
Според обвинувањата, компанијата „Евгенија план“ од Куманово добила дозвола за градење и изградила зграда на локација поврзана со земјиштето на Димитриевски, но подолг период не можела да добие технички прием. Ситуацијата се променила откако Димитриевски станал градоначалник и неговиот кум Драган Митевски купил два стана од по 97 квадратни метри во истата зграда во август 2022 година. Само неколку месеци подоцна, техничкиот прием бил одобрен.
„Еве го купопродажниот договор за двата стана од по 97 квадрати на кумот на Максим од август 2022 година“,
изјави Мургашанска покажувајќи документи.






Мургашанска рече дека само неколку месеци потоа, истата 2022 година, еден од овие станови, вреден околу 70 000 евра, кумот му го префрлил на Димитриевски преку размена на недвижност, но за „нереална цена од само 2 500 евра“. Ова се случило преку размена за една четвртина од ливадата што Димитриевски ја купил во 2010 година за едно евро по квадрат.
„Како е можно стан во Куманово од 97 квадратни метри да го добие Димитриевски за само 2 500 евра?“,
праша Мургашанска додавајќи дека градоначалникот Димитриевски се стекнал со стан вреден 70 000 евра за драстично пониска цена.
СДСМ јавно постави сериозни прашања, барајќи одговори дали станува збор за перење пари, дали е ова дел од коруптивна шема поврзана и со техничкиот прием на зградата и дали градоначалничката функција е злоупотребена за приватен профит.
Партијата повика на итна истрага од надлежните институции, потенцирајќи дека Куманово заслужува чесно раководство, а не „станбени афери и злоупотреби“.
„Јасно е дека Димитриевски не работи за Куманово, туку за себе и за блискиот фамилијарен круг. Но, Куманово не е негова семејна компанија“,
заклучи Мургашанска.
На почетокот на овој месец од СДСМ Куманово обвинија дека во градот се случил најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении, организиран и координиран директно од градоначалникот на градот и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
По ова, како одговор на обвинувањата од советниците на СДСМ од Советот на општина Куманово од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија рекоа дека Социјалдемократскиот сојуз е во паника и прави дефокус од нивните корупциски афери.