Владејачкиот СДСМ, но и опозициските Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива денеска се изјаснија дека се против предлог-законот за поништување на Законот за попис, кој денеска во Собранието го поднесе најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Халил Снопче од пратеничката група на АА и Алтернатива денеска рече дека нема да го поддржат предлогот и потенцира дека тие како пратеници се заинтересирани пописот, кој веќе започна да се спроведува, да заврши.
„Вистина е дека ние имавме сериозни забелешки за Законот за попис, дека ниту еден наш амандман не се усвои, дека ние немаме доверба во целокупниот систем и затоа сме толку транспарентни и сакаме да ги изнесуваме нашите забелешки. Меѓутоа, вистина е дека ние сме заинтересирани еднаш засекогаш овој процес да заврши. Македонија е во многу незавидна положба. Дваесет години сме без попис и ние сме смешна држава пред очите на светот“,
рече пратеникот.
Реагираа и од пратеничката група на СДСМ. Пратеничката Славјанка Петровска оцени дека ваквиот предлог-закон на ВМРО-ДПМНЕ претставува обид за политичка манипулација и дека тоа не може да влијае на процесот на попишување.
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, во изјава за медиумите рече дека пописот е во тек и оти Државниот завод за статистика и другите институции ги спроведуваат своите активности.
„Предлог-законот кој денеска го поднесоа колегите е само уште еден обид за манипулација. На секој правник, кој ги чита и Уставот и Деловникот на Собранието, му е јасно дека немаше потреба за собирање потписи надвор од процедура и дека доволно беше само еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ да поднесе предлог-закон“,
рече Петровска.
СДСМ, потенцираше таа, нема да повика на враќање со иста мера.
„Нема да повикаме на 300 000 потписи со кои граѓаните ќе покажат дека сакаат попис бидејќи сакаат иднина“,
рече Петровска.
Реакција за прашалникот за пописот
Покрај за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, од АА и Алтернатива во однос на пописот се огласија со забелешка и дека прашалникот за попишување на дијаспората не е во согласност со членот 34 од Законот за попис во врска со употребата на јазикот.
„Прашалникот е во спротивност со член 34 од Законот за попис во врска со употребата на јазиците. Член 34 став 1 вели дека апликацијата е изготвена на седум различни јазици и попишувањето се врши со јазикот кое го избира лицето кое се попишува. Имаме документ каде што прашањата се на албански, а одговорите треба да се дадат на македонски, на некои прашања стои само кирилско писмо на македонски јазик. Апелираме до Државниот завод за статистика да интервенира и да се коригира“,
изјави пратеникот Снопче.
Според него, има наши државјани што живеат надвор од земјата и кои не го владеат македонскиот јазик, па предупредува дека ваква работа може да предизвика давање погрешни податоци.