Од СДСМ велат дека станува збор за минимално, историски најниско зголемување од 10 отсто во споредба со досегашниот раст на платите

Најавеното покачување на платите на здравствените работници, според Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), е историско понижување на нивниот труд.
Откако денеска репрезентативните синдикати на здравството се договорија со Владата за коригирање на коефициентите на вработените во здравството и покачување за околу 2 450 денари, од СДСМ веднаш реагираа со соопштение во кое велат дека станува збор за минимално, историски најниско зголемување од 10 отсто во споредба со досегашниот раст на платите.
„Вкупните примања на лекарите специјалисти од 2017 до 2024 година, заедно со дежурства се зголемени меѓу 100 и 160 отсто по корекцијата на коефициентите од страна на СДСМ. Основната плата на лекарите специјалисти СДСМ ја зголеми за 40 проценти, на медицинските сестри ја зголемивме помеѓу 20 и 23 проценти, на општите лекари за 25 проценти, на здравствени соработници за 15 проценти“,
додаваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму додаваат дека минатата година во октомври е потпишана и спогодбата со здравствениот синдикат за ново зголемување на платите на здравствените работници за кое велат дека требало да биде над 20 отсто „и тоа сега веднаш, а не Мицкоски да прави лоша математика“.
Од опозициската СДСМ во соопштението упатуваат прашање до премиерот дали со ваквото зголемување на платите на здравствените работници целта му е да ги избрка да работат во странство или на приватните клиники.
„Реално, а не лажно зголемување е прашање за грижата за здравјето на нашите граѓаните и на целото наше општество, но Мицкоски тоа нема капацитет ниту да го разбере ниту пак знаење нешто да преземе“,
додаваат од СДСМ.
Репрезентативните синдикати во здравството и премиерот денеска на прес-конференција информираа дека успеале да реализираат потпишување на анекс на колективниот договор за здравствена дејност со кој се коригираат коефициентите на вработените во здравството.
Синдикатите рекоа дека денешниот договор е резултат на долгите преговори и конструктивен дијалог.
