Опозицијата ги поврзува случувањата со изборните процеси што напролет ја очекуваат и Унгарија, додавајќи дека вертикалната поврзаност преку политичките партии ФИДЕС на Орбан, СНС на Вучиќ, ДПМНЕ на Груевски, на што се придружува и Словачка, со години функционира на иста линија. Затоа сметаат дека доколку во Србија има избори напролет, тоа ја очекува и Македонија, оти ВМРО-ДПМНЕ нема луксуз да го дочека падот на српскиот режим стравувајќи да не се откријат сите нивни поврзаности
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска во партиско соопштение до медиумите прави споредба меѓу политичкото дејствување на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и српскиот претседател Александар Вучиќ, нагласувајќи дека власта во земјава работи по усогласени политички чекори со таа во Србија.
Во таа насока, опозицијата посочува дека Мицкоски го имитира српскиот претседател Александар Вучиќ и по негов модел за напролет подготвува предвремени парламентарни избори.

Од партијата потсетуваат дека дента кога српскиот претседател зборува за избори, неколку часа подоцна слични пораки стигаат и од премиерот.
„Симптоматично е што Мицкоски, во народот познат како ‘мали Вучко‘, вчера зборуваше повторно за избори. Во исто време објавува лажни анкети за рејтингот на партиите. Само неколку часа претходно во Србија, Вучиќ најавува избори“,
се вели во соопштението на СДСM.
Оттаму сметаат дека Мицкоски како ученик на Вучиќ, го следи српскиот политички рецепт имитирајќи ги драматичните изјави на српскиот претседател.
„Познато е дека Мицко го имитира Вучиќ, а тоа трае веќе подолго време. ‘Вчера‘ започна реконструкција на Владата, во јавноста одамна позната како обично шминкање. Модел кој Вучиќ го користи со години. По реконструкцијата, со некакви чудни дополнителни објаснувања, следуваат најави за избори и нивно распишување. Овој српски, Вучиќ модел, денес го гледаме во Македонија“,
пишуваат од опозицијата.
СДСМ ги поврзува случувањата со изборните процеси што напролет ја очекуваат и Унгарија, додавајќи дека вертикалната поврзаност преку политичките партии ФИДЕС на Орбан, СНС на Вучиќ, ДПМНЕ на Груевски, на што се придружува и Словачка, со години функционира на иста линија.
„Доколку во Србија има избори напролет, тоа ја очекува и Македонија. Грујо, Мицко и ВМРО-ДПМНЕ немаат луксуз да го дочекаат падот на српскиот режим, затоа што ќе се откријат сите нивни поврзаности со ДПМНЕ и вмешаноста во многу приказни“,
велат од СДСМ.
Затоа, како што додаваат, ученикот Мицкоски мора внимателно да ја следи ситуацијата, да реагира, да најавува и по потреба да распише избори напролет, доколку истите бидат закажани и во Србија.
„На Груевски азилот му зависи од изборите во Унгарија и затоа по секоја цена мора да обезбеди власт во Македонија под негова контрола, како резервна опција за своето престојувалиште“,
соопштија оттаму.
СДСМ наведува и дека протестите во Унгарија, Словачка и Србија се последица на корупциска скандали и дека од тие случаи, како што се додава, имаат регионални и политички поврзаности.
Потоа, од опозицијата потсетуваат на истрагите и обвиненијата поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, како и на обвинувањата што ги упати американскиот претседател Доналд Трамп за вмешаност во белградска ИТ-форма во изборите во САД.
Сето тоа, според СДСМ, го отсликува политичкиот контекст на регионот што може да влијае и на земјава.
„Сервери, прислушување, тендери, корупција. Звучи познато? Изгледа дека и соседите имаат ‘бомби‘. Ја доживуваат нашата 2015 година. Не грижете се, ние повторно сме ‘двојно подобри‘. Кај нас верзија 2.0 штотуку почна да работи. Повторно е време, како што вчера рече Мицко, да поминеме низ катарза. Еднаш не ни беше доволно“,
велат од партијата.
Според СДСМ, време е за нов лист во цела Европа и повикаа од партијата, на нова сила, нова енергија, нов тим и вистински правец – Европа.
Мицкоски на вчерашниот брифинг со новинарите ја отфрли идејата за предвремени парламентарни избори напролет 2026 година и посочи дека следната година е предизвикувачки период за државата во кој треба да се продолжи со реформската агенда, но и да се одржи макроекономската стабилност на земјата.
