ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија во Европа која има конфискуван имот за кој со судска пресуда е докажано дека е нелегално стекнат, велат од СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија, а случајот „Феникс“ е последен во низата судски предмети кои го потврдуваат тоа, соопштија од СДСМ.
„Ултракриминалот на ДПМНЕ преку ‘Скопје 2014’ е потврден со уште еден случај кој го покренаа надлежните обвинителски органи за најголемата пералница на пари врз грбот на народот. Случајот ‘Феникс’ е само дел од криминалот на ДПМНЕ преку ‘Скопје 2014’. Петнаесет осомничени, меѓу кои и највисоки функционери на ДПМНЕ од тоа време, како и седум фирми се дел од истрага под сомнение за злоупотреби, криминал, перење пари врз грбот на народот. Незаконски се обезбедени 57,6 милиони евра за 11 споменици и директно проневерени се 17 милиони евра“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија во Европа кој има конфискуван имот за кој со судска пресуда е докажано дека е нелегално стекнат, додаваат од владејачката партија.
„И додека ДПМНЕ ги прозива независните судски институции јавноста се уште очекува епилог од предметот ‘Делчевски ниви’ каде што се вмешани блиски соработници на Мицкоски. Во пратеничките редови на ДПМНЕ уште се и обвинетите лица Игор Јанушев и Антонио Милошоски, за чии предмети исто така се очекува епилог. Христијан Мицкоски е опкружен со криминални ликови и осудени лица, а седи во криминално стекнат имот и води криминална партија“,
велат од СДСМ.
