Како коалициски партнер на Касами, бараме Мицкоски јавно да го повика да се повлече од овој предлог, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ исто така да се спротивстават и да застанат против, со што оваа одлука нема да се донесе, велат од СДСМ
СДСМ најави дека нивните советници ќе се спротивстават на предлогот за преименување на улиците во Тетово по иницијатива на градоначалникот Касами. Во денешната реакција, тие изразуваат негодување и бараат власта да преземе мерки против идејата на нивниот коалициски партнер за промени на називите на инфраструктурните објекти во Тетово кои носат имиња од антифашистичкото минато.
„На вредностите од НОБ и антифашизмот почива современата македонска држава. Било какво бришење на најсветлите страници на македонската историја значат удар врз темелот на којшто почива државата. Значењето на партизанската борба и нејзините идеали никој не смее да ги омаловажува, брише и пребришува“,
вели Андријана Томовска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според СДСМ, националистичките сценарија на Касами се на штета на сите граѓани без разлика на етничка или партиска припадност и создаваат нови поделби, раздор меѓу граѓаните и етнички тензии.
„Како коалициски партнер на Касами, бараме Мицкоски јавно да го повика да се повлече од овој предлог, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ исто така да се спротивстават и да застанат против, со што оваа одлука нема да се донесе“,
истакна Андријана Томовска, членка на Извршниот одбор на СДСМ. .