Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не се плаши од Европската Унија, туку од реформите што ги носи европскиот процес, како независното судство, одговорноста и борбата против корупцијата
Според неа, Владата ќе продолжи да ја оддалечува државата од европскиот пат сè додека има можност за нови задолжувања, додавајќи дека премиерот бара алиби за неуспесите во економијата и најавува враќање на националистичката реторика
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека со своите ставови за европските интеграции ја оддалечува државата од членството во Европската Унија и дека бара изговори за застојот во евроинтегративниот процес.

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција оцени дека Мицкоски е подготвен да ја жртвува европската перспектива на земјата и оти неговата политика ја држи Македонија во изолација.
„Христијан Мицкоски вчера потврди дека е подготвен да ја жртвува Македонија, и кажа збогум на Европа и порача дека ќе чека покана. Со децении да чекаме заглавени додека регионот оди напред. Мицкоски призна дека тој и неговата криминална организација ВМРО не сакаат Македонија да биде членка на Европската Унија“,
рече таа.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не се плаши од Европската Унија, туку од реформите што ги носи европскиот процес, како независното судство, одговорноста и борбата против корупцијата.
„Не затоа што не веруваат во Европа, туку затоа што се плашат од тоа што Европа го носи: независно судство, европско јавно обвинителство и одговорност за сите оние што ја ограбиле и ја уништиле државата. Од тоа се плаши Мицкоски. Нема да може повеќе да мести партиски тендери, милионски зделки со блиски фирми, злоупотреба на буџетските пари, нема да можат да крадат народни пари. За жал, цената за неговото заложништво ја плаќаат сите граѓани а најмногу младите кои ќе продолжат да се иселуваат“,
вели портпаролката.
Оцени дека Мицкоски дошол на власт со лаги за името, Преспанскиот договор и националните интереси, додавајќи дека тие биле средство за освојување на власта.
Кога дошло време за спроведување на реални реформи, вели дека премиерот се повлекол и почнал да бара изговори.
Според неа, граѓаните сакаат државата да стане членка на ЕУ, бидејќи тоа значи подобар животен стандард, повеќе инвестиции, пристап до европскиот пазар, поквалитетно образование и поголеми можности за младите.
„Македонскиот народ јасно кажа што сака. Сака Европа. Сака правда. Сака да живее во нормална, достоинствена европска држава. Затоа што за граѓаните Европа значи подобар живот и повеќе пари, висок животен стандард, силна економија поттикната од странски инвестиции и пристап до европскиот пазар. Европа значи квалитетно европско образование, развојни програми за студентите и реални можности да напредуваат дома, а не да купуваат карта во еден правец. Европа значи пристап со развојни фондови, наместо задолжувања“,
посочи таа на прес-конференцијата.
Владата, додаде дека ќе продолжи да ја оддалечува државата од европскиот пат сè додека има можност за нови задолжувања, додавајќи дека премиерот бара алиби за неуспесите во економијата и најавува враќање на националистичката реторика.
„Мицкоски трага по алиби. Потребно му е за да продолжи со своите лаги. Не може да признае дека ја уништил економијата на земјата. Не може да признае дека нема излез, па ќе се врати на старата националистичка кампања за патриоти и предавници. Само што овој пат народот знае, воопшто не е наивен. Народот ќе победи. Европска Македонија ќе победи“,
додаде Кузеска.
Премиерот Христијан Мицкоски при вчерашната посета на Охрид изјави дека одговорноста за состојбата во која се наоѓа Македонија во процесот на евроинтеграција ја сноси сегашната опозиција, а не актуелната Влада.
„Опозицијата е таа која ја доведе Македонија во оваа состојба, прифајќи предлог којшто првично не успеа да го испорача, а второ предлог којшто е тотално асиметричен споредено со националните интереси на граѓаните и државата. Јас единствено чувствувам одговорност пред граѓаните. Граѓаните во овој момент ја даваат подршката на политиките коишто ги води оваа влада, а политиките на оваа влада се да испорача тоа што може да го испорача. И тоа го испорачавме и покажавме и во декемврскиот извештај, ќе го покажеме повторно и во јунскиот извештај дека ние сме во суштина најнапредната држава во регионот кога станува збор за испорака на реформи“,
рече тој.
За потсетување, при последниот извештај, Македонија е оценета како најдобра за последните шест месеци меѓу земјите од Западен Балкан. Но, од почетокот на процесот, заостанува по вкупниот број завршени реформи споредено со Црна Гора и Албанија.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера рече дека главната причина за застојот на Македонија на патот кон членство во Европската Унија е премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, државата е заложник на неспособноста на Мицкоски да изгради стратегија за членство во ЕУ и на ветувањата со кои дошол на власт.
Тој предупреди дека поради застојот во евроинтегративниот процес, земјата се движи кон политичка и економска изолација, што отвора простор за влијание на држави кои немаат интерес Македонија и регионот да се интегрираат во Европската Унија.
