Од АД ЕСМ утрово соопштија дека во 8:22 часот бил исклучен блокот 2 поради активирана заштита, а шест минути подоцна од електроенергетската мрежа бил исклучен и блокот 1 поради активирање на заштитата на трансформаторот за сопствени потреби
Ниту еден од блоковите 1,2 и 3 во РЕК „Битола“ не работи и не произведува струја, реагира Социјалдемократскиот сојуз.
Од АД ЕСМ утрово соопштија дека во 8:22 часот бил исклучен блокот 2 поради активирана заштита, а шест минути подоцна од електроенергетската мрежа бил исклучен и блокот 1 поради активирање на заштитата на трансформаторот за сопствени потреби.
Според СДСМ, ова е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е неспособна да менаџира со енергетскиот сектор.
„Новото раководство на ДПМНЕ пред да седне во фотелјите ветуваше работа со три блока и со 100% домашно ископан јаглен во рудникот, а сега нема ништо од тоа. Во РЕК се троши повеќе увозен отколку ископан домашен јаглен, а кога не работи – се увезува скапа струја. Срамно е ова што му се случува на ЕСМ и РЕК ‘Битола’ за да се задоволат бизнис зделките на ДПМНЕ“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Согласно направените анализи од стручните екипи на ТЕ „Битола“, дефектот настанал од надворешни причини кои дополнително ќе се утврдуваат.
СДСМ дополнува дека енергетскиот систем е на колена, а очигледно било дека власта ги задоволува своите бизнис-потреби.
„Трошоците за купување струја од берзата се огромни и тоа е врз грбот на граѓаните и државата, додека во исто време влијае сметките што граѓаните ги плаќаат за електрична енергија постојано да бидат високи“,
стои во реакцијата на СДСМ.
Од АД ЕСМ соопштија дека течат операции за повторно вклучување на блокот 1 во електроенергетската мрежа, а веднаш потоа ќе започнат активности за вклучување и на блокот 3, кој изминатите денови не беше во функција.