Според партијата, суровата реалност што граѓаните ја гледаат во маркетите и продавниците секој ден е најголем показател за фарсата што ја приредува власта

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека политиките на власта со воведување на кошничка се целосно промашување со кое има поголема скапотија кај граѓаните.
Оваа политика, додаваат од СДСМ, ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија.
Од партијата велат дека со овие мерки се богатат големите трговци и додаваат дека со амин на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од џебовите на граѓаните се извлечени десетина милиони евра.
„Цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија. Кошничките донесоа поголема скапотија за граѓаните. Зејтинот, јајцата, шеќерот, млечните производи, грашокот, гравот, леќата, сѐ е поскапено“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Според партијата, суровата реалност што граѓаните ја гледаат во маркетите и продавниците секој ден е најголем показател за фарсата којашто ја приредува власта.
Оттаму потсетуваат на последните податоци од Државниот завод за статистика за кои велат дека уште еднаш го потврдуваат тоа дека цените растат, а граѓаните имаат се поголеми трошоци за живот и се помалку пари во џебовите.
„Трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4 отсто, основните животни производи, без кои не може да се замисли ниту еден дом, поскапеле за 4,3 отсто. Политиките на Мицкоски се јасно насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата. Додека 99 отсто од граѓаните сè повеќе се борат со зголемените трошоци за живот, а еден процент, оние блиски до власта, профитираат на нивна сметка“,
додаваат од СДСМ.
Денешната реакција на СДСМ доаѓа по завршувањето на новогодишната кошничка која траеше до денеска. Од партијата изминатиот месец, додека траеше кошничката, редовно велеа дека наместо да се намалат, сега цените се зголемија и оти зголемените трошоци за живот се претворија во сериозен товар за македонските семејства.
Над 1 100 производи кои беа опфатени со новогодишната кошничка и што беа намалени за 10 отсто, по овие цени се продаваа до вчера.
На почетокот на новогодишната кошничка, кога во маркетите беа поставени налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, јавноста реагираше оти трговците пред да ги намалат производите за 10 отсто, веќе ги зголемиле цените на некои од нив.
По одлука на Владата, инспектори од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вршеа контроли кај добавувачите, производителите и маркетите со цел да се утврди како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите месеци. Целта, како што рекоа од ДПИ, е да се направат анализи и да се утврди дали постоело нелогично зголемување на цените кај одредени производи.