Според нив, како големо промашување се покажала мерката за замрзнување на бруто-профитните маржи, иако таа требало да биде спасот од високите цени

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе предложи закон што ќе донесе вистинско намалување на цените бидејќи власта не планира да преземе конкретни и реални мерки и нема решение.
Со овој закон, како што велат од партијата, ќе се добие вистинска и реална мерка за намалување на цените.
„Владата на Христијан Мицкоски се покажа неспособна да го реши постојаното зголемување на цените на производите и целосно ги разочара граѓаните“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Според нив, како големо промашување се покажала мерката за замрзнување на бруто-профитните маржи, иако таа требало да биде спасот од високите цени.
Оттаму велат дека цените во маркетите не се намалени, а во најголем дел се останати исти.
„За симболични 57 денари се намали потрошувачката кошничка за граѓаните за еден месец, ете толку ’заштедија’ граѓаните за еден месец. Поскапувањето на цените се голем товар за семејствата секој ден. Просечната плата, наместо да расте, се намали за 1 000 денари. Тоа е резултатот на погрешните економски политики на Мицкоски и ДПМНЕ“,
додаваат од СДСМ во утринското соопштение.
Од партијата за поскапувањето на цените реагираа и минатата недела кога заврши владината одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на основните производи.
Според СДСМ, не се точни пресметките на министерот за економија и труд Бесар Дурмиши дека со намалените маржи од т.н. есенска кошничка едно семејство заштедило од 690 до 1 360 денари. Тие велат дека заштедата била симболична и изнесувала само 57 денари за еден месец.
„Дурмиши очигледно не бил во маркет, не ги видел цените дека нема намалување и дека најголемиот дел од производите останаа со исти цени. Тоа што само за неколку производи се намалија цените со незначителни суми е најголема потврда за неефикасната мерка, која беше лошо осмислена и им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред таа да стапи на сила“,
рекоа од СДСМ.
Откако минатата недела заврши есенската кошничка, во следниот период се најавува дека ќе има и божиќна, рамазанска и велигденска кошничка. Кошничките, како што рече Дурмиши, ќе имаат различен состав на производи, во зависност што се троши најмногу во конкретниот период, во договор со производителите и трговците.