За разлика од локалните избори во 2017 година и ланските претседателски избори, досегашните партнери во Владата нема да коалицираат на претстојните парламентарни избори. ДУИ, најверојатно, ќе оди сама на изборите во април, а СДСМ најавува можно проширување на коалицијата со Беса и ДПА
Досегашните партнери во владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, по два заеднички изборни настапи, најверојатно, ќе се „разделат“ во ова предизборие и ќе бидат конкуренти во битката за пратеници речиси во сите изборни единици.
ДУИ не влегува во „математиките“ што се прават моментно во СДСМ за можно проширување на изборната коалиција со нови партнери од албанскиот политички блок. Од партијата на Али Ахмети од поодамна најавија дека планираат самостоен настап на претстојните избори. Соговорници од раководството на ДУИ потврдија вчера дека е, како што велат, речиси 99 отсто извесно дека ќе се реализира најавата за самостоен настап, така што веќе се наѕираат и носителите на партиските листи – Изет Меџити во „единицата“, Илир Хасани, лекар, од партиското претседателство, во „двојката“, во третата ИЕ се споменува Бујар Османи, додека неодамна „прекроените“ петта и шеста ИЕ, наводно, се резервирани за Талат Џафери и Али Ахмети.

СДСМ и ДУИ, по изборите во 2016 година, практично, ја обновија коалицијата на „Илинденска“, која функционираше и во периодот 2002-2006 година. Иако меѓу старо-новите партнери имаше неколку кризи во изминатите три година и сомневања за соработка на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, какви што беа и неодамнешните искричења пред распуштањето на парламентот, тие од 2017 година досега остварија два заеднички изборни настапи.
Комбинаторики
Како потенцијални нови партнери на СДСМ се споменуваат ДПА, која беше дел од владината коалиција во изминатиот период, но и опозициската Беса, која не постигна договор за коалицирање со Алтернатива на Африм Гаши и со Алијансата за Албанците на Зијадин Села. Затоа, пак, Гаши и Села се пред финализирање на договорот за заеднички настап на изборите на 12 април, иако Алтернатива од јуни 2018 година партиципираше во владата на СДСМ, каде што влезе како едно од двете крила на Беса, за разлика од Алијансата за Албанците, која замина во опозиција кон крајот на 2017 година.
Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, во емисијата „Отворено“ на ТВ 24 рече дека СДСМ е единствена партија што има капацитет да оди во коалиција со некоја од албанските партии на претстојните избори
„Отворени сме за соработка со сите политички партии на Албанците во земјава, освен со ДУИ. Може да се случи првпат во историјата на нашата земја да имаме една таква предизборна коалиција за парламентарни избори. Две партии веќе покажаа интерес за такво нешто. Беса изјави дека е заинтересирана ако ги усогласиме програмите, а ДПА, исто така, се нуди како можен коалициски партнер. Отворени сме секако и за други партии“,
изјави Зекири.
Соговорници од СДСМ велат дека се водат првични разговори за можно коалицирање со ДПА и со Беса, кои имаа по два пратенички мандати во неодамна распуштениот собраниски состав. Сепак, како што нагласуваат од СДСМ, сè уште е рано за конечни одлуки во поглед на коалицирањето, со оглед на тоа што до последниот термин за доставување на кандидатските листи во ДИК има уште дваесетина дена. Затоа, сè уште се прават анализи што може да се добие, а што да се изгуби од вакво сојузништво, додека за следната седмица се најавува можност и за директни, поединечни, разговори на Заев со лидерите на Беса и на ДПА.
Математики
Ако дојде до договор за предизборно партнерство, планот е тоа да се реализира во сите шест изборни единици, а не само во шестата, петтата и во првата и втората ИЕ, од каде што досега, главно, ги црпеа мандатите партиите на Албанците. СДСМ, на пример, и во овој собраниски состав имаше пратеник Албанец од третата ИЕ, односно Агим Муртезанов од Велес. Од партијата најавуваат дека, независно од тоа дали ќе има договор за коалицирање со партии од албанскиот камп, и овој пат партијата ќе номинира од своите редови кандидати за пратеници од повеќето етнички заедници во земјава.
Aко биде постигнат договор за коалицирање на СДСМ со Беса и со ДПА или со само една од овие партии, тоа ќе биде прво партнерство меѓу партии од македонскиот и од албанскиот политички камп на парламентарни избори. Мразот, во таа насока, беше скршен во 2017 година, кога СДСМ и ДУИ настапија заедно во градоначалничката трка на тогашните локални избори. Потоа, и на минатогодишните претседателски избори, двете владејачки партии настапија со Стево Пендаровски како заеднички кандидат. Но овој пат нивните одвоени изборни настапи се чинат извесни, барем додека не почнат преговорите за состав на новата влада, по изборите на 12 април.
ДПА долги години важеше за „традиционален партнер“ на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и беше во силно ривалство со СДСМ – сè до пролетта 2018 година, кога Мендух Тачи влезе во владата на Зоран Заев. Претходно, на последните парламентарни избори во 2016 година, партијата, која едно време беше дел од „големата четворка“, го постигна можеби најслабиот изборен резултат од формирањето, освојувајќи само две пратенички места

Беса на Касами, пак, целиот овој период, по изборите во 2016 година, остана во опозиција. Како новоформирана партија, Беса освои пет мандати на последните парламентарни избори, но по „отцепувањето“ на Алтернатива, и салдото на таборот на Касами во парламентот е сведено на двајца.
Проценките што сега се прават во СДСМ, според информациите, упатуваат на тоа дека овој пат ДПА би можела да освои едно до најмногу две пратенички места доколку сама оди на избори, со оглед на стабилното гласачко тело што го има партијата во Тетовско. Беса, пак, би стигнала до три или евентуално четири мандати во случај на самостоен настап. Затоа, пак, дел од гласовите за овие партии би можеле да отидат во ветар, додека окрупнувањето на коалицијата на СДСМ со партии од албанскиот блок би можело да донесе два-три мандати плус на салдото на сега владејачката партија. Од друга страна, како ризик се смета тоа што можните нови партнери би можеле подоцна да се „одметнат“ од коалицијата, откако ќе обезбедат неколку мандати на заедничка листа со социјалдемократите.