Собранието препознава и во него може да се дискутира само за закон што е официјално поднесен, велат од СДСМ и ги повикуваат ВМРО-ДПМНЕ низ расправа да ги истакнат забелешките за владиниот Предлог-закон за јавното обвинителство.
„За политички консензус во делот на Законот можеме да говориме во Собрание. Значи, колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и сите останати, ја имаат можноста во амандманска расправа, она што сметат дека може да биде подобрено, да ги спротивстават аргументите и да видиме што од тоа може да биде во функција на подобрување на текстот на Законот за јавно обвинителство“,
вели пратеничката од СДСМ Снежана Калеска Ванчева.
ВМРО-ДПМНЕ ниту има готов предлог-закон за јавно обвинителство, ниту кажува дали ќе поднесат амандмани на владиното решение кое веќе е доставено во Сoбранието со европско знаменце за гласање во скратена постапка. Опозицијата останува на ставот дека преговори со власта се можни само доколку се прифати нивното барање за предвремени избори.
„Да ги дозавршиме техникалиите во однос на текстот, па ќе излеземе за тоа дали ќе го предложиме или кои ќе бидат понатамошните чекори. Можеби Зоран Заев ќе се согласи на лидерска средба каде ќе се разговара за датум за предвремени парламентарни избори. Да почекаме уште неколку денови“,
изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ не сака СЈО заедно со сите свои капацитети да се спои со основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Бараат обвинителите на СЈО да се вратат во матичните обвинителства, да се истражи нивната евентуална инволвираност во аферата „Рекет“, па дури потоа да конкурираат за работа во новото обвинителство. Реагираат и на одредбата со која Катица Јанева ќе добие унапредување во републичкото јавно обвинителство. Сите предмети кои СЈО ги отвори до 30. јули 2017, ВМРО-ДПМНЕ предлага сега да ги преземе републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и да ги распредели на понатамошно постапување. Забележуваат и на одредбата со која сите човечки и материјални ресурси на СЈО треба да преминат во новото обвинителство, обвинувајќи за непотизам во СЈО.
Премиерот Зоран Заев најави дека викендов ќе го разгледа и предлогот на Мицкоски.
Судбината на СЈО се смета за последно отворено прашање пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за почеток на пристапни преговори со С. Македонија. Токму затоа, Рикер и Хан дојдоа со усогласен став во Скопје дека мора да се осигура иднината на СЈО, дека владиниот предлог-закон за јавно обвинителство е добра основа за тоа и дека никој не може да биде амнестиран поради изминување рокови. Доколку се договорат партиите и се обезбеди двотретинско мнозинство, спикерот Талат Џафери кажа дека законот може да го помине собранискиот филтер до почетокот на септември.
*поврзана вест: Што кажаа Хан и Рикер, а што (не)слушна Мицкоски