Според Кузеска, министерот Андоновски не може да се извлече со обидите да го релативизира случајот тврдејќи дека државната секретарка не учествувала во постапката

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да постапи за случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација што од вчера е актуелен во јавноста, а кој го обзнанија токму од СДСМ.
Од СДСМ велат дека сите докази и документи со кои располагаат се јавно објавени и оти на ДКСК и на Јавното обвинителство нема да им биде проблем да ги обезбедат и да постапат за случајот да биде целосно расчистен.
„Министерот Стефан Андоновски вчера на прес-конференција го призна скандалот со тендерите во неговото министерство, но наместо да понесе одговорност, да се извини и да поднесе оставка, тој дрско ги бранеше договорите за тендери кои завршиле кај сопругот на државната секретарка Клинчарова. Ова претставува јасен конфликт на интереси, непотизам и основен сомнеж за корупција кои се впрочем одлики на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција од пред зградата на ДКСК.
Според Кузеска, министерот Андоновски не може да се извлече со обидите да го релативизира случајот тврдејќи дека државната секретарка не учествувала во постапката.
Таа додаде дека државниот секретар раководи со целата администрација во секое министерство и нагласи оти Клинчарова им била надредена на сите што биле вклучени во тендерската постапка која завршила кај нејзиниот сопруг.
Кузеска ги повика ДКСК и Обвинителството веднаш да преземат конкретни чекори велејќи оти ова не е само прашање на злоупотреба на функцијата – ова е директен удар врз довербата на граѓаните во институциите.
„Мора да има целосно расчистување на коруптивните шеми на власта. А, министерот Андоновски веднаш треба да поднесе оставка за да не влијае на постапката“,
рече Кузеска.
Случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација Кузеска го изнесе вчера на прес-конференција кога, објавувајќи договори што биле склучени меѓу министерството и фирма од Скопје, обвини за скандал во оваа државна институција во кој, како што рече, има конфликт на интерес.
Кузеска покажа два договори за кои рече дека се склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги „Матео дизајн“ од Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на Гордана Клинчарова.
Кузеска, велејќи дека на договорите како потписник стои името и презимето на министерот Стефан Андоновски, упати прашање „Каква е неговата улога во овој скандал и дали бил и тој соучесник?“
По ова се огласи министерот Стефан Андоновски кој рече дека се додека договорот со „Матео дизајн“ не дошол кај него за потпис тој не знаел дека постои таква фирма и смета дека во овој случај ниту еден дел од неговата изјава за судир на интереси не е прекршен.
Тој додаде и дека државната секретарка во Министерството не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза и оти нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството. Оттука, како што рече, не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна.
Од СДСМ потоа рекоа дека Андоновски ги признал и ги потврдил информациите на партијата, а со тоа и скандалот во кој тендерите во неговото министерство ги има добиено сопругот на државната секретарка Гордана Клинчарова.