За опозициската партија е спорно тоа што во истрагата за пожарот во Кочани се опфатени полициски службеници кои биле на должност од 2012 до 2022 година, но не и актуелните – оние кои, како што велат од СДСМ, биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните на кобната ноќ на 16 март
Откако МВР и Јавното обвинителство објавија дека истрагата за пожарот во Кочани се проширува за уште десет полициски службеници, опозицискиот СДСМ повторно обвини за селективност во истражната постапка.

За опозиционерите е спорно тоа што во истрагата за Кочани се опфатени полициски службеници кои биле на должност од 2012 до 2022 година, но не и актуелните – оние кои, како што велат од СДСМ, биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните на кобната ноќ на 16 март.
„Зошто началникот на крим полицијата во Кочани, Томо Донев, не е меѓу приведедените? Зошто ниту началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, не е помеѓу опфатените? Како е можно ниту началникот на СВР Штип, ниту, пак, началникот за крим полицијата во Штип исто така да не се опфатени со истрагата? Ова е понижување на правдата и селективна заштита на функционери блиски до Тошковски и ДПМНЕ. Наместо правда, јавноста сведочи дека под палката на Тошковски истрагата за најголемата трагедија во Македонија станува срамна и недозволива фарса“,
велат од СДСМ.
За истрагата да може да продолжи неселективно, како што велат, Тошковски треба да поднесе оставка.
„Во спровитно граѓаните целосно ќе ја загубат довербата дека за огромната трагедија ќе има вистинска правда. Правда за Кочани нема да има додека тие што можеле да спречат трагедија не одговараат. Не само кривично – туку и институционално, и политички“,
додаваат од опозициската партија.
Претходно денеска МВР поднесе кривични пријави, а ОЈО ГОКК покрена истрага против десет полициски службеници во врска со трагедијата во Кочани. Осомничени се дека во периодот од 7 декември 2012 година до 21 јануари 2022 година како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност. Шест од нив се лишени од слобода, по еден се трага, а останатите тројца осомничени од претходно издржуваат мерка притвор.