Од СДСМ прашуваат зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага и зошто се гонат функционери кои тогаш воопшто не биле надлежни, а не оние што таа вечер требало да спасуваат животи

Истрагата за најголемата трагедија во историјата на Македонија, која требаше и мораше да донесе правда, се претвори во фарса, реагираат денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), а во врска со трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени.
Според СДСМ, и по проширувањето на истрагата јасно, како што велат, дека не се бара никаква одговорност од оние што кобната ноќ беа на функција во МВР, но и други институции кои морале и имале должност да го превенираат настанот.
„Вечерта на трагедијата, постоеле дежурни началници во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ. Тие имале директна надлежност. Имало полицајци на лице место – виделе сè: малолетници, пиротехника, хаос и премолчеле, не презеле ништо иако знаеле и за настанот и за тоа што се случувало таму. Трагедија е што денес никој од нив не е ни осомничен за настанот. Ова е селективна правда на ВМРО-ДПМНЕ во која Тошковски ги штити своите и оние кои тој ги поставил на функциите“,
се вели во писмената реакција од СДСМ.
Оттаму посочуваат оти дозволата за пиротехника, што е директна причина за пожарот, паѓа под МВР и сметаат дека пропустите на системот и превенцијата се целосно кај министерството и актуелното раководство од кое нема ниту еден осомничен.
Од СДСМ прашуваат зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага и зошто се гонат функционери кои тогаш воопшто не биле надлежни, а не оние што таа вечер требало да спасуваат животи.
„Ова е класичен случај на политичко прикривање. Тошковски си ги штити своите. А јавноста гледа како трагедијата се претвора во уште поголема неправда“,
додаваат од СДСМ и велат дека нема да дозволат оваа лага да стане вистина.
Реакција за истрагата за Кочани денеска стигна и од Демократската унија за интеграција (ДУИ) од каде обвинија дека истрагата за трагедијата е селективна, еднострана и таргетирана кон албанскиот народ.
За вчерашната прес-конференција на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, на која беа изнесени детали за проширената истрага за случајот со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, од ДУИ велат дека е најголема карикатура на заробената држава.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на вчерашната прес-конференција изнесе детали за проширувањето на истрагата за пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“. Тој рече дека истрагата е проширена за нови 19 лица кои, како и претходните, се осомничени за тешки дела против општата сигурност (член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик).
Од нив за четворица осомничени е предложена мерка притвор, за седум – мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, а за уште седум лица се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата е надвор од државата (амбасадорот и ексминистер Дртитон Кучи, н.з.).
Во рамки на истрагата во саботата беа приведени поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу. Меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.