„Дали всушност Тошковски и Јанушев се јавуваат и како инвеститори за заедничка изградба на истата зграда каде што имаат имоти? Дали се другари по имот или се другари по бизнис?“ – прашуваат од СДСМ
Имотот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, кој е предмет на истражување од страна на Антикорупциската комисија, а за кој Јанушев тврди дека нема ништо спорно, повторно е во фокусот на опозициската СДСМ.
Во соопштение за јавноста, од СДСМ посочуваат дека имотот за кој станува збор, бил заверен со печат и потпис на Панче Тошковски како тогашен адвокат, денес министер за внатрешни работи.
„Во иста зграда во центарот на Скопје каде што е поклонетиот имот на вториот човек во Владата на Мицкоски, Игор Јанушев, има и министерот Панче Тошковски. Крјано сомнително и надлежни институции треба да го истражат целиот случај. Поклонетиот имот на Јанушев е заверен од адвокат Панче Тошковски, за што постои документ којшто денеска го објавуваме. Навидум ништо спорно, затоа што Тошковски е познат адвокат. Но, дали всушност Тошковски и Јанушев се јавуваат и како инвеститори за заедничка изградба на истата зграда каде што имаат имоти? Дали се другари по имот или се другари по бизнис?“,
стои во најновата реакција од СДСМ.

Од СДСМ посочуваат дека јавноста очекува одговори на повеќе прашања за овој случај, меѓу кои и како државно земјиште се приватизира, се менуваат сопственици, па се гради зграда, која на крај завршува со имот на Тошковски и Јанушев?
За имотот на Јанушев била поднесена пријава до Државната комисија за спречување на корупција од страна на Управата за финансиско разнузнавање. Се бара проверка за имотот на генералниот секретар на Владата, кој наводно не е пријавен во неговиот анкетен лист, како и имотот кој е заведен како подарок.
На страницата на ДКСК во делот информации за имотната состојба, кај Јанушев се наведува дека поседува стан од 165 квадратни метри вреден 20 милиони денари, стекнат како подарок.
Од СДСМ претходно реагираа со прашање како е поврзан имотот на Јанушев со имотот на министерот Тошковски, за кого, исто така, обвинија дека поседува стан и деловни простории во зградата во Центар.
Тошковски и Јанушев негираа дека поседуваат имот кој не го пријавиле во анкетниот лист, односно имот кој е стекнат под сомнителни околности, како што тврди СДСМ.