ДУИ бара и сите претставници на Албанците во Владата што извршуваат клучни финкции да се дистанцираат од овој неприфатлив акт и да ја отворат оваа тема на следната владина седница, со предлог за строги санкции кон одговорните и веднаш да се повлечат од оваа Влада што поттикнува поделби и омраза
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска ги осудија навредливите скандирања на навивачите на синоќешниот кошаркарски натпревар во спортската сала во Куманово, на кој присуствуваше и владина делегација.

Од СДСМ сметаат дека говорот на омраза и навредите кон која било етничка заедница е обид да се создаваат поделби меѓу граѓаните, а најчесто тоа се случува пред избори.
„СДСМ апелира до сите граѓани да останат разумни и да не подлегнуваат на провокации и на насилен национализам кој намерно се активира секогаш кога се приближуваат избори. Не е првпат да гледаме како одредени стрктури ја разгоруваат омразата со една цел, да ги поделат граѓаните и да ја пренасочат дебатата од реалните проблеми“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Оттаму очекуваат иста ваква осуда од премиерот и од владините претставници што биле присутни на настанот.
Според ДУИ, молкот и отсуството на институционална реакција за настанот не може да помине без конкретна политичка одговорност, па затоа бараат оставки од функционери на коалицијата ВЛЕН.
„Бараме непосредна оставка од Астрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи и оставка од Сафие Садики Шаини, заменик-министерка за спорт, поради нивниот неуспех да реагираат, да го заштитат јавниот интерес и да адресираат еден тежок инцидент што директно го загрозува меѓуетничкиот соживот и достоинството на албанските граѓани“,
се вели во партиското соопштението.
Покрај тоа, бараат и сите претставници на Албанците во Владата што извршуваат клучни фиункции да се дистанцираат од овој неприфатлив акт и да ја отворат оваа тема на следната владина седница, со предлог за строги санкции кон одговорните и веднаш да се повлечат од оваа Влада што поттикнува поделби и омраза.
„Извинувањето не е решение. Извинувањето нема вредност кога истиот пристап се повторува во секој сличен случај. Остуство на реакција значи соучесништво“,
пишува во реакцијата од ДУИ.
Претходно, потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, го осуди скандирањето на навивачите со антиалбански пораки на кошаркарскиот натпревар што синоќа се одигра во спортската сала во Куманово.
Според него, отсуството на реакција од самиот премиер и од Владата, пак, испраќа позагрижувачка порака за нормализација на овие трендови.