Во одговорот од СДСМ на новинарските прашања за содржината на разговорите меѓу Љупчо Николовски од СДСМ и Артан Груби од ДУИ, нема ништо за тоа дали е надмината главната пречка за коалициски договор – барањето на ДУИ за премиер Албанец, макар само во еден дел од мандатот на новата влада
СДСМ потврди дека продолжиле разговорите со ДУИ за „евентуален коалициски договор“ со средба на Љупчо Николовски (СДСМ) и Артан Груби (ДУИ) откако во изминатите неколку дена во два наврати се сретнаа лидерите Зоран Заев и Али Ахмети.
Потврдата доаѓа откако во јавноста беше објавена фотографија од средба на Николовски и Груби во еден скопски хотел.

Од СДСМ велат дека со ДУИ се согласни за повеќе принципи на кои треба да се темели „евентуалната заедничка владина програма“, но во писмениот одговор од партијата на Зоран Заев нема ништо за тоа дали е надмината главната пречка за коалициски договор – барањето на ДУИ за премиер Албанец, макар само во еден дел од мандатот на новата влада. Заев повеќепати претходно изјавуваше дека нема намера да преговара под уцени што може да се толкува дека значи оти не е подготвен да го прифати ова барање на ДУИ.
Во продолжение интегрално го пренесуваме писмениот став од СДСМ:
„Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, и Артан Груби, висок претставник на ДУИ имаа конструктивна дискусија за потврда на заложбите на сите граѓани на Република Северна Македонија за мир, стабилност, безбедност и соработка во земјата и регионот, здрави меѓуетнички и соседски односи, економски развој, правна држава, чиста животна средина и општествена благосостојба.
Разговаравме за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат.
Потврдивме дека немаме друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.
Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на Северна Македонија.
Целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.
Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротиставиме на сите форми на национализам и омраза.
Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ.
Согласни сме дека се неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.
Потврдивме дека партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен“.