Оттаму посочуваат дека сè уште не е проширена истрагата за случајот, не е повикан ниту еден актуелен функционер на распит и не е отворена постапка за никого од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ кои на денот на трагедијата биле на позиции
И покрај тоа што поминаа речиси четири недели од трагедијата во Кочани, јавноста сè уште нема добиено одговори на клучните прашања: кој е одговорен за пожарот што се случи во „Пулс“ и кој е одговорен за серијата безбедносни пропусти, реагираат денеска од опозицискиот СДСМ.
Оттаму посочуваат дека сè уште не е проширена истрагата за случајот, не е повикан ниту еден актуелен функционер на распит и не е отворена постапка за никого од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ кои на денот на трагедијата биле на позиции.
„Зошто не се повикуваат оние кои биле на позиции кобната ноќ? Зошто не е проширена истрагата за Кочани иако јавно беше најавено дека ќе се случи? Не смее да има заштитени. Одговорност мора да има – од највисоките па до најниските нивоа. Ова не е политичко прашање. Ова е прашање на правда, доверба и достоинство. Граѓаните, семејствата на жртвите, сите, имаат право на вистина. Имаат право да знаат што точно се случи и кој ќе понесе одговорност. Одговорност мора да има, и тоа на сите нивоа“,
соопштија од СДСМ.
Од партијата се децидни дека ќе продолжат да инсистираат на целосна, транспарентна и неселективна истрага.
„Правда за Кочани мора да има. А таа правда мора да стигне – да биде јасна, видлива и неизбежна“,
порачаа од најголемата опозициска партија.