„Никола Груевски во оној момент кога ќе стапне во нашата држава ќе издржува казна затвор согласно конечни позитивни судски пресуди“, рече денеска пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, прашан за коментар на изјавата на министерот за надворешни работи кој во интервју за ТВ 21 рече дека е подобро Груевски да биде во земјава. Османи својот став го аргументираше од безбедносен аспект, посочувајќи дека станува збор за човек кој повеќе од 10 години бил премиер и ги знае сите информации за државата, а сега е во „рацете на друга држава“, односно во Унгарија, каде што ужива азил откако во 2018 година побегна од земјава
Експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во моментот кога ќе стапне во С Македонија, ќе оди во затвор, изјави денеска пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, коментирајќи ја изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи, според кого, подобро е Груевски да биде во земјава отколку во друга држава.
„Никола Груевски во оној момент кога ќе стапне во нашата држава, ќе издржува казна затвор согласно конечни позитивни судски пресуди“,
рече кратко Каевски на денешната прес-конференција.
Инаку, министерот за надворешни работи својот став го аргументираше од безбедносен аспект, посочувајќи дека станува збор за човек (Груевски) кој повеќе од 10 години бил премиер и ги знае сите информации за државата, а сега е во „рацете на друга држава“, односно во Унгарија, каде што ужива азил откако во 2018 година побегна од земјава.
„Од политички аспект, има едно прашање кое знам дека ќе се злоупотреби, но од безбедносен аспект, да имате премиер којшто ви бил премиер повеќе од 10 години и ги имал сите информации на државата, а е во рацете на друга држава, тоа не е паметно за било која држава“,
изјави Османи во интервју за емисијата „Анализа“ на ТВ 21.
Шефот на дипломатијата се огради и додаде дека нема никаква иницијатива за враќање на Груевски во земјава, теза која често се слуша од одредени политички кругови во земјава, особено по донесувањето на контроверзните измени во Кривичниот законик, а во контекст на уставните измени.
„Најдобро е тој да е овде и да се справува со судските процеси коишто ги има. Тоа би било најдобро решение. Затоа ова го кажувам повеќе аналитички, но целата оваа фама околу некаква комуникација е тој психолошки страв кој ние не го разбираме“,
додаде министерот.
Осврнувајќи се на неодамнешната „војна“ со фејсбук-преписки и обвинувања меѓу актуелниот (Христијан Мицкоски) и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, шефот на дипломатијата оценува дека станува збор за немир и паника коишто излегуваат од опозициската партија „кон психолошкиот лик на Груевски“.
Изјавата на Османи и неговиот став во врска со Груевски веднаш наиде на коментар од лидерот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити, кој во изјава за весникот „Лајм“ праша: „Дали Бујар Османи и другите се подготвуваат да го вратат Никола Груевски во Скопје на 23 октомври на Денот на ВМРО?“
„За жал, се потврдуваат нашите соммежи што ги презентиравме како опозиција на нашите официјални профили, каде јавно прашавме дали Бујар Османи го посетил Никола Груевски во Будимпешта и дали на таа средба бил приватно или службено. Во тој случај одговорите беа дипломатски и неискрени. Иако лично мислев дека ДУИ во 2016 се раздели со режимот на Никола Груевски, за жал Бујар Османи денеска докажа дека тајно одржувале комуникација, си помагале меѓу себе и уште еднаш се докажа дека работат на враќање на Груевски. Затоа го сменија Кривичниот законик, затоа зборуваат за Законот за амнестија, само да биде во функција на враќање на Груевски“,
изјави Меџити.