Портпаролката на најголемата опозициска партија денеска на прес-конференција обвини дека рампата на граничниот премин „Блаце“ кон Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Поради ова, од СДСМ побараа одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Тоа што спикерот Африм Гаши приватно, со службено возило и обезбедување, бил на свадба во Косово е само мал дел од скандалот во кој, како што објавија денеска од СДСМ, улога имало и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Имено, портпаролката на најголемата опозициска партија денеска на прес-конференција обвини дека рампата на граничниот премин „Блаце“ кон Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Поради ова, од СДСМ побараа одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Она што се крие од јавноста е уште поголем проблем за кој дебело треба да одговара Тошковски. Според информациите кои од свиркачи се доставени до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без контрола. Според информациите кои ги добивме, поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен траспорт без да бидат застанати“,
изјави Кузеска.
Да биде скандалот уште поголем, додаде таа, во возилата во кои се возело обезбедувањето на Гаши имало и дел од сватовите, односно цивилни лица, што, како што нагласи Кузеска, е законски недозволено.
„Ова значи дека границата била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон. Ова е почитувани граѓани, целосен башибозук и газење на законите, институциите и достоинството на државата. Државната граница се третира како партиска своина на ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ“,
истакна портпаролката на СДСМ.
Од СДСМ прашаа кој ја дал наредбата за кревање на граничната рампа и кој од МВР бил одговорен да го организира, како што посочија „самоволието на Гаши“, и воедно повикаа Јавното обвинителство да спроведе сериозна истрага и да се побара одговорност од сите инволвирани во скандалот.
„Бараме внатрешна контрола да утврди одговорност на сите кои ги пречекориле овластувањата во МВР, а Јавното обвинителство да понесе соодветни кривични пријави. Почитувани, сега стана јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштенија го бранеше Гаши за овој скандал. Тоа е затоа што истиот не можел да се случи без поддршка од МВР и раководни структури во министерството. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски се фацилитатори на ова каубојско однесување и треба да одговараат“,
децидна беше Кузеска.
На обвинувањата на СДСМ дека спикерот Гаши на свадба отпатувал со службено возило, вчера од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека носител на позиција каква има Африм Гаши е проследена со задолжителен протокол и постојана придружба. Оттаму посочија дека токму спротивната ситуација, односно доколку Гаши патувал без придружба и без обезбедување, претставува прекршок за санкција.
„Спротивната ситуација, немањето на придружба и необезбедувањето претставува прекршок за санкција. Дали според СДС требало да се прекршат законите во случајот на Африм Гаши? Оваа држава има институции. СДС тоа тешко го сфаќа зошто во нивно време министрите во работно време играа фудбалчиња во кабинет, полицајци се удираа во ‘пајаци’, во присуство на Ахмети се пукаше со калашникови, а Оливер Спасовски делеше пасоши на мафијаши. Времето на самоволие заврши со смена на власта“,
соопштија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието викендов се најде во фокусот на јавноста, откако на социјалните мрежи се појави видео од колона автомобили, меѓу кои и службеното возило на претседателот на парламентот, кој, според тврдењата, како сват заминал по невеста во Косово.
Видеото изворно беше објавено на фејсбук-профилот на порталот на албански јазик Индекс.мк.
Меѓу првите за случајот реагираа од Либерално-демократската партија (ЛДП) од каде што вчера побараа одговори дали ако собранискиот претседател Африм Гаши имал патен налог, по која основа е издаден, за која намена, во колкаво времетраење и колку сето тоа ги чини граѓаните со чии средства од даноците се одржуваат службените возила.
Од кабинетот на Гаши информациите за неговото патување за Косово со конвој службени возила ги оценија како неточни и тенденциозни тврдења на одредени медиуми, но не прецизираа која била причината за семејното патување во Косово.
Ова е втора непријатна ситуација за само неколку недели во која се става самиот Африм Гаши. На почетокот на август тој, без законска основа, го прати своето обезбедување да ја решава ситуацијата на скопскиот аеродром откако косовската претседателка Османи одбила да ги помине безбедносните проверки.