Социјалдемократскиот сојуз изрази длабоко сочувство до семејствата, роднините и пријателите на загинатите, а на повредените им посака брзо закрепнување

Централната изборна комисија на СДСМ утрово донесе одлука за одложување на внатрепартиските избори за претседател на партијата поради трагедијата во Кочани. Од СДСМ соопштија дека Централниот одбор на партијата допрва ќе го одредува датумот за изборите, а во меѓувреме општинските организации на СДСМ ќе се вклучат во помошта за настраданите во пожарот.
„Поради огромната трагедија што се случи во Кочани, СДСМ ги одложи внатрепартиските избори за претседател на партијата. Општинските организации на СДСМ ќе се вклучат во помошта за настраданите во пожарот. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата, роднините и пријателите на загинатите во огромната трагедија што се случи во Кочани. На повредените им посакуваме брзо и целосно закрепнување. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со сите засегнати од оваа страшна несреќа“
се вели во соопштението на СДСМ.
Актуелниот претседател на партијата, Венко Филипче, е единствениот кандидат за кој ќе се гласа на внатрепартиските избори.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека бројот на починати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани до овој момент е 51 лице. Повредени се над 100 лица, кои се префрлени во болниците во Кочани, Штип и Скопје.
(ВИДЕО) Моментите на започнувањето на пожарот во Кочани
(ВИДЕО) Родители чекаат информации за своите деца пред скопските болници