Опозициската партија го повикува обвинителството во целост да ја спроведе истрагата и да лоцира одговорност кај Гаши кој, како што велат, не смеел да отстапува од надлежностите
Африм Гаши, претседателот на Собранието, мора да одговара зашто надвор од своите надлежности го испратил обезбедувањето на Меѓународниот аеродром „Скопје“. Ова е реакцијата од опозицискиот СДСМ откако денеска Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши доби кривична пријава и е отстранет од работното место по инцидентот што се случи во четвртокот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи.
„Откако не успеаја да го скријат скандалот со пиштолџијата на Гаши, во страв дека ќе се дознае целата работа, МВР го потврди скандалот за кој со денови предупредуваше СДСМ. Но, ВМРО-ДПМНЕ очигледно сака да удри само по самарот, а да молчи за нарачателот“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Опозициската партија го повикува обвинителството во целост да ја спроведе истрагата и да лоцира одговорност кај Гаши кој, како што велат, не смеел да отстапува од надлежностите.
„Само со целосна истрага и одговорност на сите вклучени ќе може граѓаните да веруваат дека не се штитат политичарите од власта“,
велат од опозицијата.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека кривичната пријава против началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С.С сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ и спречување службено лице во вршење службено дејстиве по член 382 од КЗ.
„Пријавениот С.С. на 1.8.2024 г. околу 10:30 часот на Меѓународен аеродром ‘Скопје’ на паркингот пред ВИП-салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП-салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на своите службени дејствија“,
се вели во соопштението од МВР.
Потоа, се вели, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување личности влегол во ВИП-салонот и движејќи се во простории каде што немал овластување за движење и престој, на присутните вработени во ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти, почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.
Дополнително, се вели дека тој бил испратен на Меѓународниот аеродром „Скопје“ од страна на претседателот на Собранието Африм Гаши, за да се надмине недоразбирањето со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.