Според опозициската партија, службеникот Б. Ј. бил распределен на позицијата контрола на граничен премин иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контрола на граничните премини. СДСМ го полемизира моментот што полицаецот Б.Ј. зел боледување истиот ден кога го пропуштил Груби на „Блаце“. Со тоа, како што велат, де факто не може да биде суспендиран додека му трае боледувањето
Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека еден од полициските службеници, кој вчера беше суспендиран и против кого е поведена дисциплинска постапка, е поставен на таа позиција откако Панче Тошковски станал министер. Според СДСМ, службеникот Б. Ј. бил распределен на позицијата контрола на граничен премин иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контрола на граничните премини.
„Ова значи дека човекот кој го има пропуштено Груби е негов личен избор за таа позиција. Го прашуваме Тошковски, дали е вистина дека токму за да може да врши вакви дејствија, Б. Ј. е поставен на оваа позиција? Да потсетиме, по истата шема при бегството на терористот Блерим Рамадани, Тошковски ги обвини лицата кои го пропуштиле, кои тој самиот ги назначил. За да е појасно, ако тогаш стануваше збор за избор на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, ‘Вреди’, сега станува збор за лице кое е избор на Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ“,
рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.
Од партијата го полемизираат моментот што полицаецот Б. Ј. зел боледување истиот ден кога го пропуштил Груби на „Блаце“. Со тоа, како што велат, де факто не може да биде суспендиран додека му трае боледувањето.
„Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити или, пак, чека да се забошоти целата ситуација? И зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците, туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична пријава?“
прашува Кузеска.
Додава дека полициската контрола, која била поставена кај „Блаце“ три дена пред бегството на Груби, не си ја завршила работата и целосно потфрлила, а оти полицајците немале насока и не знаеле кого треба да проверуваат.