Ако наесен има нов врв на заразата со ковид-19, изборите нема да може да се одржат ниту во редовниот термин, предупредува министерот Сугарески
СДСМ е за избори до 28 јуни, според информации од партијата, со цел што побрзо да се овозможи институциите да продолжат да функционираат со цел легитимитет и капацитет, пред можниот нов бран на епидемијата наесен.
Функционер на СДСМ вели дека би било најдобро воопшто да не се повтори наесен кризата со коронавирусот. Но, ако се повтори, какви што се прогнозите, тогаш, како што вели, Северна Македонија ќе влезе и во сериозна уставна криза, затоа што нема парламент, ниту политичка влада.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, претседател на Надзорниот одбор на СДСМ, изјави денеска дека опозицијата бега од избори, додека владејачката партија, како што рече, смета дека изборите треба да се одржат штом ќе се создадат здравствени услови и нема да биде опасно по здравјето на граѓаните.
„Опозицијата свесно бега од избори. За нас е најбитно здравјето на граѓаните. Треба прво да се види до кога би траела вонредната состојба. Со олабавувањето на мерките што се случува и ќе се случува и во наредната недела, и кога ќе се создадат услови, на мислење сме да се одржат предвремените парламентарни избори. Затоа што, ако има нов врв на заразата, ќе се оневозможи да се одржат и редовните избори“,
изјави Сугарески при денешниот увид на работите на регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола, одговарајќи на новинарско прашање.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пак, на прашање како од ситуација „седете дома“ дојдовме до ситуација „ајде на избори“, изјави денеска дека ставот на владејачката партија е конзистентен дека треба да се гласа веднаш штом ќе се нормализира епидемијата.
„Од самиот почеток на корона-кризата нашите ставови се максимално да се почитуваат препораките што доаѓаат од кризниот штаб, епидемиолозите, стручните лица. Имајќи ги предвид последните мислења и заклучоци на експертите, епидемиолозите и лица кои навистина ја разбираат оваа проблематика – дека се наоѓаме во една друга фаза кога ковид-19 вирусот полека го губи интензитетот, нашиот став е дека веднаш по нормализацијата со коронавирусот треба да се оди на избори. Зошто? Заради тоа што е тоа важно и за економијата, секако имајќи ги предвид и мислењата што кружат низ Европа и светот дека можеби нѐ очекува и некој нов бран на ковид-19, одговорно е да имаме демократски избори и функционален парламент“,
изјави Костадинов.
Сепак, новиот термин за одржување на десеттите парламентарни избори не зависи само од СДСМ, туку и од позициите на другите партии, завршувањето на вонредната состојба во земјата, проценките на здравствените власти, како и од ставот што ќе го заземе Уставниот суд во однос на новата иницијатива која може да доведе до укинување на Одлуката за распуштање на парламентот.
Во политички кругови се спомнува примерот со Србија, каде што вчера беа договорени избори и тоа двојни (парламентарни и локални) на 21 јуни, иако претходниот изборен термин таму беше на 26 април, односно две седмици по изборите што требаше да се одржат во С Македонија на 12 април.
Во Србија утре треба да биде укината вонредната состојба што беше прогласена поради коронавирусот. Втората одлука, пак, на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба на целата територија на земјава истекува на 16 мај, а тој, во интервју за „360 степени“, најави дека околу 10 мај ќе свика лидерска средба на која би се разговарало и за можниот нов изборен термин.