Жерновски вели дека со Муцунски на чело на МНР се најавува најголемиот срам во поновата историја – заканата за бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја критикуваше надворешната политика на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Според Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на партијата, по една година владеење, резултатите на меѓународен план се поразителни, а Македонија е „понижена, без ниту еден успех, само порази“.
Жерновски истакна дека наместо ветените подобри позиции, Македонија е „заглавена“ со далеку полоша меѓународна позиција.
„Наместо напредок и гордост – министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски донесе срам и понижување. Наместо европска иднина – блокада и неуспеси“,
рече Жерновски на денешната прес-конференција.
Жерновски вели дека со Муцунски на чело на МНР се најавува најголемиот срам во поновата историја – заканата за бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент.
Жерновски нагласи дека ова не е случајност, туку директен резултат на „погубната, погрешна и вазалска политика на Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ“.
Од партијата потсетија дека токму СДСМ обезбеди македонскиот јазик да биде впишан во преговарачката рамка и дека е потпишан договор со Фронтекс на чист македонски јазик, без фусноти или дополнителни ознаки.
Тоа, според Жерновски, беше „победа на мудрата дипломатија и политиките на СДСМ“, но оти денеска сите тие победи „Муцунски заедно со неговиот шеф Мицкоски да ги претворат во порази“.
Според СДСМ, има тотален дебакл на надворешната политика.
„Македонија нема ниту еден меѓународен успех. Меѓународната позиција е влошена, а не подобрена. Нема подобри преговарачки позиции или рамка. Нема нови инвестиции од САД, туку зголемена царина за 33 отсто. Европскиот пат е замрзнат, а Македонија е зад сите земји од регионот. Дипломатската мрежа е разурната, партизирана и нефункционална. Наместо во периметарот, Македонија е на периферијата на демократскиот свет. Македонија денес е без компас, без насока и без глас во светот“,
рече Жерновски.
Тој вели дека сето ова е резултатот од владеењето на ВМРО-ДПНЕ и Тимчо Муцунски.
На крајот, СДСМ најави дека ќе продолжи со борбата за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, достоинствена, европска Македонија – со заштитен македонски јазик, идентитет и со јасна иднина.
Откако пред два дена трите најголеми политички сили во Европскиот парламент најавија дека се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, СДСМ излезе со реакција велејќи оти најголем непријател на македонскиот јазик, култура и идентитет е Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги најавите на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, рече дека на талибански начин се бришат македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот.