Од опозициската партија уште еднаш обвинија дека во Министерството за внатрешни работи владеат хаос и самоволие, кои, велат, допрва ќе излегуваат на виделина и прашуваат уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка
Да не го објавеше СДСМ, Тошковски и натаму ќе го криеше скандалот со братот на градоначалникот на општина Гази Баба, се вели во реакцијата на опозициската партија на вечершната изјава на министерот за внатрешни работи.

„Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Борче Стефковски со видеодокази, (Панче) Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае“,
велат од „Бихаќка“.
Изјавата на министерот за внатрешни работи или признанието, како што го нарекуваат од Социјалдемократскиот сојуз, потврдило две работи.
„Прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни – да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“,
велат од СДСМ.
Оттаму уште еднаш обвинија дека во Министерството за внатрешни работи под раководство на Тошковски владеат хаос и самоволие, кои, како што додаваат, допрва ќе излегуваат на виделина.
„Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка?“,
прашуваат социјалдемократите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево во изјава за ТВ Сител најави кривична одговорност за полицискиот службеник поради кого братот на градоначаланикот на општина Гази Баба не бил казнет поради возење над дозволената брзина, а санкцијата му била изречена на лице кое немало врска со настанот.
Според Тошковски, фактичката состојба што била утврдена од МВР во случајов е многу постаршна од она што било објавено од Социјалдемократскиот сојуз.
Министерот вели дека полицискиот службеник направил две повреди на оперативните процедури и на законот, од кои едната ја оцени како поголема од другата.
Со тоа, како што наведува министерот, полицискиот службеник сторил „одредено кривично дело“, кое ќе биде процесуирано од Министерството за внатрешни работи.
Тошковски информира и дека братот на градоначалникот на Гази Баба, кој возел со 88 километри на час, наместо дозволените 50 километри на час денеска сам се пријавил во полициската станица „Пролет“. Нему, како што наведе министерот, му е изречена прекршочна парична казна од 300 евра, а пред надлежен суд ќе се процесуира и забрана за управување со моторно возило.